Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 25/12/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски

Место на раѓањето и на службата на овој славен светител е островот Кипар. Роден е од прости родители, земјоделци, а и самиот беше и остана прост и смирен с ѐ до својата смрт. Во младоста се ожени и имаше деца. А кога умре жена му, тој сиот се предаде на служба на Бога. Заради неговото особено благочестие беше избран за епископ на градот Тримифунт. Но тој и како епископ не го измени својот прост начин на живеење и околу својата стока и обработката на земјата се трудеше самиот лично. За себе многу малку употребуваше од стекнатото, поголемиот дел им го раздаваше на бедните луѓе. Со Божјата сила покажа големи чуда: низведе дожд во време на суша, го запре текот на реката, воскресна неколку мртовци, го исцели царот Констанс од тешка болест, ги виде и ги слушна ангелите Божји, проѕираше во тајните на човечките срца, многумина обрати во вистинската вера итн. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и со своето просто но јасно исповедање на верата, како и со многубројните моќни чуда што ги изврши, голем број еретици ги врати во Православието. Беше облечен толку просто, што кога еднаш поканет од царот сакаше да влезе во царскиот дворец, војникот мислејќи дека е некој просјак му удри шлаканица. Кроткиот и незлоблив Спиридон му го заврти и другиот образ. Откако Го прослави Бога со многубројни чуда и на многумина им покористи поединечно, а и на целата Божја Црква, се упокои во Господ во 348 година. Неговите чудотворни мошти сега се на островот Крф и ден денес Го прославуваат Бога со многубројни чуда.

Светиот свештеномаченик Александар, епископ Ерусалимски

Најпрво беше епископ Кападокиски. Но во времето на Северовото гонење во 203 година го фрлија во затвор и го прогонија. По ова го прими ерусалимскиот престол. Ја основа прочуената ерусалимска библиотека, со којашто Евсевиј се служеше при пишувањето на својата Историја на Црквата. Во времето на Декиј беше мачен на разни начини и фрлен пред ѕверови. Остана жив и нечепнат од ѕверовите, па го фрлија во затвор, каде што во 251 година го заврши овоземниот живот и се престави кај Господ.

Светиот маченик Разумник

Грчкото име му е Синетос или Синезиј. Како млад чтец во Рим ја проповедаше Христовата вистина со дерзновение и ги изобличуваше идолопоклониците. За ова беше мачен и убиен во времето на царот Аврелијан.

Преподобен Герман Алјаски

Преподобен Герман се родил во Серпухов, во семејство на трговци, а на шеснаесет години стапил на монашкиот пат. Со сета душа отец Герман ја засакал величествената Валаамска обител, нејзиниот игумен и сите браќа. По внимателното испитување со многу послушанија, игуменот Назариј го благословил младиот подвижник на постојан живот во шумата, во пустинско осамеништво. Академикот Н. Ј. Озерецковскиј, посетувајќи го Валаамскиот манастир во 1785 година, напишал: „Денешните пустиници водат трудољубив живот. Во нивната општина, која се состои барем од дваесет луѓе, нема ни најмала несогласност, тие немаат ништо сопствено, а со сe располагаат заедно“. На празниците, отец Герман доаѓал од пустината во манастирот. И се случувало, на малата вечерна, стоејќи на певница, ги пеел заедно со браќата припевите на канонот: „Исусе најсладок, спаси нe нас грешните“, „Пресвета Богородице, спаси нe“, и солзи се тркалале од неговите очи. Десет години поминал во Валаамскиот манастир, во непрестајни подвизи со пост и молитва, но на Господ Му било угодно да послужи на другиот крај на земјата – на Алјаска, меѓу народ кој с? уште не ја видел вистинската вера. Во 1793 година била создадена духовна мисија, која го добила името Кадјакска, со центар на островот Кодијак: „Од Ладожското езеро до далечните Курилски острови, и на брегот на Алјаска, тогаш се простирала руската православна мисија – забележува Светејшиот Патријарх Московски и на цела Русија, Кирил. Оттогаш, во Соединетите Држави започнал да се развива православниот живот. Американската Црква се појавила како резултат на мисионерските усилија на Руската Православна Црква, и пред сe – на валаамските монаси…“ Најпрвин, на отец Герман му биле доверени градежните работи. Подоцна, по смртта на епископот Јоасаф, кој ја возглавувал мисијата, и заминувањето на јеромонахот Гедеон, монахот Герман до крајот на неговиот жвот останал духовен отец на Алеутите, пастир и застапник за човечките души во мисијата што му била доверена. Преподобниот сакале да го посветат во јеромонашки чин и да го возвишат во архимандрит, но смирениот монах се откажал од секакво возвишување и до крајот на своите дни останал прост монах: „Јас сум најнизок слуга на овдешните народи и дадилка“. Навистина, тоа е уникатен случај во историјата, кога еден единствен монах во мисија, необлечен со свештенички чин, станува нејзина духовна основа. Преподобниот Герман за месните жители бил добар пастир и ги заштитувал од зли луѓе, кои во островјаните гледале само предмет за жестока експлоатација. Непоколебливо и упорно, немајќи никаква поддршка, освен својата пламена вера, Старецот го продолжувал своето застапништво за понижените и угнетените, гледајќи во тоа свој долг и призив. Во 1836 година, Старецот Герман преминал од земните трудови кон небесното упокојување, во 81-та година од животот. Над гробот на светителот била изградена скромна дрвена црквичка, осветена во чест на преподобните Сергеј и Герман, Валаамските чудотворци. Преподобен Герман Алјаски извршил многу чуда, но најголемото е неговата Христова љубов кон луѓето, и дури до ден-денес верните на островот Кодијак се обраќаат кон светиот Герман со „апа“ (деденце). Тој „нe поддржува во земните потреби и со зборови на вечниот живот“, така читаме во акатистот на преподобниот Герман Алјаски. Есента во 1819 година, од екипаж на американското морепловство на островот Кодијак била донесена епидемија на грип. Болеста започнувала со температура, а завршувала со грчеви, после што луѓето умирале. Епидемијата брзо се распространила по алеутските населби. Смртноста била толку голема, што алеутите умирале по цели семејства, телата на починатите се наоѓале во домовите по неколку дена, затоа што немало кој да ги погреба. „Овде, едни веќе умреа, остинаа и лежеа покрај живите, други им умираа пред очи; офкања, лелеци што ја параат душата!“ – напишал главниот раководител на Руско-американската компанија Симеон Иванович Јановскиј. Само монахот Герман неуморно ги посетувал болните, ги убедувал да трпат, да се молат, да принесат покајание, оние што умирале ги подготвувал за смртта, а преживеаните кодијачки алеути уште повеќе го засакале отец Герман, кој, ризикувајќи го својот живот, им ја докажал својата љубов во трагедијата што ги погодила. Еднаш, на Еловиот остров надошла поплава. Жителите во страв отрчале кон ќелијата на отец Герман. Тој ја зел иконата на Мајката Божја, ја изнел, ја поставил на морскиот брег и почнал да се моли. По молитвата им рекол на присутните: „Не плашете се, подалеку од ова место, каде што стои светата икона, водата нема да помине.“ И поплавата веднаш престанала. Потоа, ветувајќи им ја истата помош во иднина – по застапништвото на Пресвета Богородица, ? рекол на својата ученичка, во случај на поплава, да ја постави иконата на брегот. Еднаш, на островот Елов избувнал пожар. Отец Герман, заедно со неговиот ученик Игнатиј, направил трага на земјата, ја тргнал мовта од неа, и рекол: „Бидете спокојни – огнот нема да ја помине оваа линија!“ Другиот ден, кога немало надеж за спасение, огнот, потпомогнат од силниот ветер, ја достигнал линијата повлечена од Старецот, поминал покрај неа и застанал, не допирајќи ја густата шума, која се наоѓала зад линијата. Сето негово слободно време од богослужбите Старецот го поминувал во труд. Во близина на ќелијата направил градина каде што правел леи, садел компири, зелка и друг зеленчук, сеел јачмен. За зимата собирал печурки и риби. Плетената кошница во која отец Герман носел од брегот морска зелка за нагнојување на земјата била толку голема, што обичен човек би ја кренал со голема мака, а старецот, за чудење на сите, ја пренесувал на големо растојание без ничија помош. Еднаш виделе како отец Герман носел греда, која со тешкотии би ја кренале четворица. Тајните подвизи и ќелијните молитви на преподобниот Герман Алјаски останале непознати за светот, но се гледала светлината што го окружувала неговиот благодатен живот, поминат во услови на целосно самоодрекување, нестекнување и сурово занемарување на сите удобности. Со сиот свој изглед, со сите свои навики свети Герман живо им напомнувал на современиците за древните отшелници, кои се прославиле со подвизи на воздржание и богоугодување. Примерите на житијата на светите угодници Божји сведочат за тоа дека секој човек е роден за светлина, добро, убавина, чистота. Апостол Павле ги нарекува светии сите верни христијани, а смислата на животот на христијанинот се состои во тоа од образот, кој е заложен во секого од нас, да преминеме кон подобието Божјо: „бидете свети, како што е и вашиот Отец Небесен“.