Pravoslaven Bogoslovski Fakultet "Sv. Kliment Ohridski", Skopje
 
 
 
 
 

Православен Богословски Факултет Св. Климент Охридски, Скопје

Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во оваа возобновена форма, постои од 1977 година. Но, неговото првично постоење e од времето на свети Климент Охридски, како дел од Светиклиментовиот Универзитет во Охрид, кој е и прв универзитет во Европа. Во 886 година, кога свети Климент доаѓа во Македонија, од Панонија и Моравија, отвора универзитет во Охрид, а основен, матичен факултет на универзитетот е Богословскиот факултет - теологијата. Потоа се оформуваат и другите сродни науки: историјата на уметноста, археологијата, книжевноста, па во некоја смисла и агрикултурата, фармацијата, медицината и сè друго што можело да се изучува во тоа време на овој универзитет. Одржувајќи го и нагласувајќи го овој континуитет, Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ годинава прославува 1221 година од своето постоење и 30 години од возобновеното дејствување на Факултетот во оваа современа форма.

Во 1977 година, по десетгодишно автокефално дејствување на Македонската Православна Црква (1967-1977) или дваесетгодишно возобновено живеење на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква (1958-1977), се почувствува потреба за оформување на кадар со високо црковно образование во Македонија. Дотогаш нашите богослови, кои завршуваа петгодишна Богословија, требаше да се дообразуваат на факултети надвор од земјава, што беше пропратено со бројни потешкотии и негативности. Факултетот беше начин да се стави крај на сето тоа и да се отпочне со оформување на високообразовани кадри кај нас. Македонската Православна Црква имаше потреба од дипломирани теолози и за идните архиереи, и за професорите во Богословијата, а и за свештенството во градските средини, каде што повеќе од половината парохијани веќе беа со високо образование, па Црквата мораше да обезбеди и свештеникот да биде на тоа факултетско рамниште. Сите овие потреби на Црквата го мотивираа Синодот да донесе одлука за отворање на Православен богословски факултет во Скопје. Првите професори беа долгогодишните професори од Богословијата. Како искусни наставници, тие навистина знаеја да ги постават фундаментите на овој Факултет. Матичната комисија за создавање на Факултетот беше составена од професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и од Македонската академија на науките и уметностите, меѓу кои: академик Петар Хр. Илиевски, кој е и теолог и филолог, академик Харалампие Поленаковиќ и други. Главен иницијатор за отворање на Факултетот и негов прв декан беше тогашниот Митрополит повардарски г. Гаврил. Но, се разбира, тоа не би било остварливо без благослов на Поглаварот - Архиепископот Доситеј, возобновителот на Охридската Архиепископија и првиот Архиепископ Охридски и Македонски, а и на другите тогашни членови на Светиот архиерејски синод, како и без согласноста на Универзитетот, Академијата и другите државни фактори.

Денес Православниот богословски факултет има петнаесетина реномирани професори, кои се познати во современата теолошка мисла кај нас и пошироко. Тие своето образовно и научно оформување го здобија кај нас и во странство, на познатите теолошки центри во Рим, Атина, Белград, Софија, Бари и др; учествуваат на научни конференции во земјава и во странство и даваат свој придонес во современото богословие; свои трудови печатат и во Факултетскиот годишен Зборник и во други гласила.

Достоен за внимание е и фактот дека сите професори во Богословијата, во Драчево - Скопје, се дипломирани теолози на овој факултет, а од вкупно единаесетте архиереи во Македонската Православна Црква, вклучувајќи го и Поглаварот, дури седуммина се дипломирани на Факултетот. Носители на диплома од Факултетот се и отец Гаврил Светогорец и неколкумина монаси.

Денес Факултетот има повеќе од 1200 запишани студенти, од кои 230 се дипломирани. Дипломирани теолози од овој факултет се на пост-дипломски студии надвор од земјата, на познати теолошки центри во светот. Богословскиот факултет нема никакви потешкотии во официјалната комуникација и тој соработува со сите Православни Цркви, а неговите дипломи се признаваат од сите теолошки факултети во сите православни земји, а и во другите земји низ Европа и во светот, па неговите студенти таму го дооформуваат своето образование на магистерски и докторски студии. Исто така, неколку докторати се одбранети и на Факултетот, а некои се во тек на подготовка и одбрана. Факултетот издава Годишник - Зборник со научни трудови, додека студентите имаат свое студентско гласило - „Православен Благовесник“. Студентите своите активности ги изразуваат преку Студентското друштво, кое го организира издавањето на студентското гласило и студентската теолошка трибина.

На Факултетот се планира да се започнe и со пост-дипломски студии. Програмата е подготвена, одлуката на Научно-наставниот совет и на Светиот архиерејски синод е веќе донесена и се очекува влегување на Факултетот во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и тогаш да отпочнат пост-дипломските студии. Програмата ќе започне не по сите факултетски предмети и дисциплини кои се изучуваат на овој Факултет, туку на почетокот само со некои студиски групи. Студиите се групирани, систематизирани во четири студиски групи. За почеток, според потребите и професорскиот кадар, се очекува да започнат пост-дипломските студии во две од нив, и тоа: во библиската и во историската група. За овие две групи има веќе заинтересирани кандидати, а и самите тие се веќе и кадровски подготвени.

Според најновите најави, има размисли пост-диоломските студии на Православниот богословски факултет или, воопшто, Факултетот со сите студии да биде преместен во Охрид, но сега засега во Охрид нема можности за тоа. Пост-дипломските студии би се одржувале во Скопје, во попладневните часови, и без обврски за сместување на пост-дипломците. Втора можност е да бидат во Охрид околу Плаошник, каде што би се изградил еден нов центар, односно, ако се возобнови Светиклиментовиот универзитетски центар. Но, тоа би почекало, бидејќи сè уште нема услови за тоа - изградбата не е ни почната. И третата варијанта е тие студии да бидат во некои од нашите манастири, како на пример во резиденцијалниот манастир во Калишта или во некои други. Пост-дипломските студии би траеле две години, со изготвување и одбрана на магистерски труд, со што магистрите би се стекнале со право на докторски студии и на изработка и одбрана на докторат.

Потребата од приклучување на Православниот богословски факултет кон Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје не е само негова потреба, туку и на Универзитетот. Во светот не постои Универзитет со високо реноме на којшто не постојат теолошки студии. Богословскиот факултет инцијативата ја почна уште пред неколку години, но, за жал, таа остана нереализирана. Управата на Универзитетот и универзитетскиот Сенат донесоа одлука за прифаќање на Православниот богословски факултет во состав на Универзитетот, но оваа одлука не помина кај Владата. Професорите од Богословскиот факултет, се разбира, и понатаму соработуваат како колеги со професорската елита од Универзитетот: учествуваат во повеќе заеднички проекти, научни собири и магистерски и докторски дисертации. Тоа е највидно и најприменето со сродните науки на теологијата, како што се: средновековната книжевност, лингвистиката, историјата, уметноста, архитектурата и др. Теологијата, и Црквата, во сè била втемелена или барем ги ставила своите основи за натамошното научно развивање на тие научни гранки кај нас. Дури и медицинските и фармацевтските дисциплини најпрво започнале по црквите и манастирите, каде што првите „лекаруши“ како и првите рецепти биле пишувани во манастирите, а првите исцеленија, лекувања и првиот болнички центар, како и центарот за геријатрија а и за хирургија, бил во Светиклиментовиот манастир на Плаошник и во манастирот на свети Наум. Тој Универзитет на свети Климент во Охрид навистина бил почеток на сè и сето тоа се одвивало во Црквата, а за книжевните центри и да не говориме. Сè она што се проучува на Филолошкиот факултет во Скопје како средновековна книжевност, сето тоа е црковно богатство од средновековието, па и нема друго.

Членството во Универзитетот се очекува да биде најдоцна до почетокот на наредната академска година, затоа што Владата веќе донесе одлука, а и Собранието прифати, да се воведе веронаука во петто одделение во државниот систем за образование. А, најпрво треба Факултетот да биде државен, да биде акредитиран од државата и да биде член на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, за потоа да можат дипломираните теолози од овој факултет со своите дипломи да работаат како вероучители во државните училишта.

Одбележувањето на 30-годишнината на Факултетот е планирано за наесен оваа година, откако тоа ќе се восогласи со другите празнувања на општиот Јубилеј - 40 години автокефално живеење на Македонската Православна Црква од возобновувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Одбележувањето ќе биде збогатено, покрај другото, и со доделување на дипломите на завршените студенти, дотолку повеќе што неколку години наназад не е организирана промоција на дипломирани теолози. Потоа, ќе има кратка свечена академија, со настап на црковен хор, како и изложба од современата иконографија и фрескосликарство во Македонија, како еден од белезите на монашкото живеење во манастирите на Македонската Православна Црква.

подготвил: деканот на Православниот Богословски Факултет, протоѓакон проф. д-р Ратомир Грозданоски