Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 16/12/2017

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот пророк Софониј

Родум од гората Саварат, од племето Симеоново. Живееше и пророкуваше во 7 век пред Христа, за време на благочестивиот цар Јосија. Современик на Пророкот Еремија. Имајќи голема смерност и чист ум воздигнат кон Бога, се удостои со проѕирање во иднината. Го прорече денот на гневот Божји; казната над Газа, Аскалон, Азот, Акарон, Нинивија, Ерусалим, Египет. Ерусалим го виде како „град одметнички, осквернет, насилнички, во кого кнезовите се лавови што рикаат; судиите му се волци вечерни; пророците - фалбаџии, измамници; свештениците ја сквернат светоста, го изопачуваат законот“ (гл. 3). Кога го проѕре времето на доаѓањето на Месијата, восхитено воскликна: „Пеј ќерко Сионска; ликувај Израиле; радувај се и весели се со сето срце, ќерко ерусалимска!“ Овој тајновидец се упокои во местото на своето раѓање, за да го чека општото воскресение и наградата од Бога.

Свети Јован Молчалник

Родум од Никопол Ерменски, од татко Евкратиј и мајка Ефимија. Во неговата осумнаесетта година стана монах и се подвизуваше тврдо и одлучно чистејќи си го срцето со многу солзи, постејќи и молејќи се. После десет години беше поставен за епископ Колониски. Со својот пример кон богоугоден живот го привлече и својот брат Пергамиј и чичко му Теодор, коишто беа луѓе угледни на дворецот на царевите Зинон и Јустинијан. Гледајќи ги злобата и метежот на овој свет коишто тој не можеше да ги излечи, го напушти епископскиот престол и преоблечен во прост монах дојде во обителта на Св. Сава кај Ерусалим, каде што остана непознат многу години, вршејќи усрдно и совесно секакво послушание на коешто беше одредуван од игуменот. Заради ова Св. Сава му предложи на патријархот Илија да го ракоположи за презвитер. Кога патријархот сакаше да го ракоположи Јован, Јован му призна дека е веќе посветен во епископскиот чин. Тогаш Св. Јован се затвори во келија, и години и години помина во молчење и молитва. Потоа мина девет години во пустина, хранејќи се само со диво зелје, па повторно се врати во манастирот. Ги одвраќаше верните од Оригеновата ерес и многу придонесе за таа ерес да се сотре и осуди. Проѕираше јасно во духовниот свет и ги исцелуваше луѓето од болести. Откако се победи самиот себеси, лесно ги победуваше демоните. Голем во смирението, во Божествената сила и мудрост, овој Христов слуга мирно се упокои во 558 година, во сто и четвртата година од својот живот.

Светиот свештеномаченик Теодор, архиепископ Александриски

После двегодишно патријархување, беше мачен и исмеван од незнабожците. Му ставија трнов венец на главата и најпосле го убија заради верата, во 606 година.

Преподобен Теодул

Угледен патрициј на дворецот на Теодосиј Велики. По смртта на својата жена ја остави суетата на светот, се повлече од Цариград на еден столб кај Ефес, каде што се подвизуваше цели триесет години.

Преподобен Сава Сторожевски

Ученик на Сергиј Радоњежски и голем чудотворец. После смртта на многумина им се јавуваше како жив, час поучувајќи ги, час укорувајќи ги, а час исцелувајќи. Од овој живот во подобриот премина во 1406 година.