Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 11/12/2017

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

За постот
Светата причест
За исповедта
За духовниот отец

Св. Климент Охридски и Св. Константин Кавасила
Св. Климент Охридски и Св. Константин Кавасила

Православен календар
за овој месец

Пребарување:


Преподобниот маченик Стефан Нови

Како некогаш Ана, мајката на Самуил, и Стефановата мајка Ана Го молеше Бога да ѝ подари еден син. Молејќи се така еднаш во црквата Влахерна пред иконата на Пресвета Богородица, ја фати лесен сон, во којшто Ја виде Пресветата Дева како блескаво сонце и слушна глас од Неа: „Оди си со мир, жено. Според твоите молитви имаш син во твојата утроба“. И навистина Ана зачна и роди син, овој свет Стефан. Во шеснаесетата година Стефан прими монашки чин на Аксентиевата Гора кон Цариград, од Старецот Јован, од кого се научи на Божествената мудрост и на подвижништво. А кога Старецот Јован се упокои во Господ, Стефан остана на таа гора строго подвизувајќи се и наложувајќи си труд на труд. Неговата светост привлече многумина ученици. Кога царот Константин Копроним ги прогонуваше иконите уште полуто од својот татко Лав Исавријанин, Стефан се покажа како ревносен заштитник на почитувањето на Светите икони. Безумниот цар примаше разни гнасни клевети против Стефан, а и самиот уредуваше разни сплетки само за да го скрши и да си го тргне од патот. Стефан беше прогонет на островот Проконис, потоа доведен во Цариград, окован и фрлен во затвор, каде што го сретнаа триста четириесет и двајца монаси затвореници, доведени од разни страни и затворени заради почитување на иконите. Во затворот го вршеа црковното правило како во манастир. Свирепиот цар го осуди Стефан на смрт. Светителот четириесет дена претходно ја предвиде својата смрт и се прости со браќата. Царските слуги го извлекоа од затворот биејќи го и тргајќи го го влечеа по цариградските улици, повикувајќи ги сите што се со царот да го каменуваат овој „противник на царот“. Некој од еретиците го удри со дрво по глава светителот и тој издивна. Како што првомаченикот Стефан пострада од Евреите така и овој Стефан пострада од иконоборните еретици. Славно го заврши животот во 767 година, во педесет и третата година од својот живот, кога прими маченички венец од Господ Христос.

Светиот новомаченик Христо

Албански христијанин, населен во Цариград, градинар по занимање. При продажбата на својот зеленчук се замери со еден Турчин, којшто го наклевети пред судот и рече дека Христо ветил дека ќе се потурчи па одрекол. После мачење го оковаа и го фрлија во затвор. Во затворот некој му понуди да јаде, но тој одби говорејќи: „Подобро гладен да се јавам пред мојот Господ“. Потоа извади врзоп пари што ги имаше под појасот и му ги даде на еден затвореник, со молба да му отслужат неклолку заупокоени литургии. Убиен е од Турците во 1748 година и засекогаш прославен во Царството Христово.

Преподобна Ана

Благородна жена. По смртта на својот маж прими потстриг од Св. Стефан Нови. Царот Копроним ја наговараше да рече дека имала недозволени односи со Св. Стефан за да може да го унижи пред народот. Но оваа света жена никако не сакаше да влезе во таа царева сплетка против Светителот когошто го почитуваше како свој духовен отец. Заради ова ја биеја, а потоа ја фрлија во затвор, каде што ја предаде душата на Бога.

Светиот благоверен цар Маврикиј

Погубен е заедно со неговите пет синови од царот Фока во 602 година.

Светите Петнаесет Тиверополски свештеномаченици

Во времето на владеењето на царот Јулијан Отстапник, кога христијаните биле прогонувани, Тимотеј, Комасиј, Евсевиј и Теодор ја напуштиле Никеја и се населиле во Солун. Потоа го оставиле Солун и се преселиле во Тивериопол, денешна Струмица. Тимотеј станал епископ на тивериополската Црква. Комасиј се откажал од војничкиот чин и се замонашил проповедајќи го словото на Вистината во тивериополските села. Евсевиј исто така бил монах којшто луѓето најмногу ги привлекувал со своите добри дела. Теодор, епископ, бил еден од триста и осумнаесете богоносни Отци кои учествувале на Соборот во Никеја. Кон овие четворица притекнале и Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор кои што биле презвитери, Василиј и Тома коишто биле ѓакони, Еротеј, Даниил и Харитон коишто биле монаси и Сократ кој порано бил војник, но се откажал од с ѐ и станал дел од овој добар лик на Отците. И тие, кога се собрале сите заедно, воделе вистински ангелски живот просветлувајќи ги жителите на Тивериопол со светлината на познанието. Кога за ова дознал царот Јулијан испратил луѓе во Тивериопол со заповед тамошните жители да се откажат од Христа и да им се поклонат на идолите. Најпрвин пред царските пратеници биле повикани овие петнаесет свети мажи. Но, бидејќи тие не сакале да им принесат жртва на демоните и на нивните идоли веднаш биле осудени на смрт и посечени со меч. Кога Светиите го завршиле својот благочестив живот нивните чесни тела многу денови стоеле зафрлени бесчесно за да бидат изедени од кучиња, ѕверови и птици. Но, Господ ги запазил недопрени и неповредени така што оние што ги гледале го прославувале Христа Бога. Подоцна некои христијани се собрале и ги подигнале со почести чесните тела на Мачениците, ги завиткале во чисти плаштаници и откако ги извршиле сите служби, ги положиле во Тивериопол, секого во посебен ковчег, на којшто било напишано името на секого од нив, каков живот водел и каков чин имал во Христа. И по смртта, Мачениците чинеле големи чудеса не само на месните жители туку и надвор од границите на Тивериопол, така што мнозина од Елините познавајќи ја Вистината пристапувале кон верата Христова и се крштевале. На тој начин ниту во Тивериопол, ниту во околината не останал ниту еден безбожник. А верата се беше распространила и во останатите западни краишта така што Тивериопол станал како некоја кула од секаде видлива, којашто ја раздавала и на другите градови светлината на верата и ги враќала од мракот на заблудата оние што се наоѓале во длабокото море на неверието. Светите Петнаесет Тивериополски свшетеномаченици и денес се почитуваат како покровители и заштитници на градот Струмица.