Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 17/11/2017

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Преподобен Јоаникиј Велики

Ова големо духовно светило се роди во селото Марикати во областа Витиниска, од татко Миритрикиј и мајка Анастасија. Како момче беше овчар. Пасејќи ги овците често се повлекуваше во самотија и по цел ден стоеше на молитва, оградувајќи го своето стадо со знакот на крстот за да не се оддалечува и разотидува. Потоа го зедоа во војска, каде што покажа чудесна храброст, особено во војните против Бугарите. По војничката служба Јоаникиј се повлече во Олимп Азиски, каде што се замонаши и сиот се предаде на подвиг, од којшто не отстапи до длабока старост, до својата смрт. Се подвизуваше над педесет години, и тоа на разни места. Имаше од Бога изобилен дар на чудотворство: лечеше секакви маки и болести, изгонуваше демони, скротуваше ѕверови, особено имаше власт над змиите, преминуваше преку вода како по суво, беше невидлив за луѓето кога ќе посакаше, пророкуваше идни настани. Се одликуваше со преголемо смирение и многу кротост. По надворешниот изглед беше како џин, крупен и силен. Живо учествуваше во судбината на Црквата Божја. Во времето на иконоборството и самиот најпрво се опрелести, но си дојде на себе и стана ревносен поборник на иконопочитувањето. Му беше голем пријател на Методиј, патријархот Цариградски. Св. Јоаникиј поживеа деведесет и четири години и се упокои мирно во Господ, во 846 година. И после смртта остана чудотворец.

Светиот свештеномаченик Никандар, епископ Мирски и Ермеј презвитерот

Обајцата ги ракоположи апостолот Тит. Се одликуваа со голема ревност во верата и трудољубивост во придобивањето на незнабожците за Христа. За ова беа обвинети кај некој судија Ливаниј, којшто ги подложи на лути измачувања. Беа биени со камења, влечкани по камењата, лежеа во затвор и гладуваа и многу други маки претрпеа, и тоа такви што смртен човек не би можел да ги издржи ако не го крепи помош од Бога. А ним Господ им се јавуваше на разни начини, а кога беа фрлени во печка им го испрати Својот ангел за да им го разлади оганот. Најпосле од бездушните мачители беа живи закопани во гробови и затрупани со земја. Луѓето залудно убиваат кога Господ оживува и залудно бесчестат кога Господ прославува.