Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 16/11/2022

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот свештеномаченик Акепсим, епископ Наесонски

Осумдесетгодишниот старец Акепсим, исполнет со секоја христијанска добродетел, еден ден седеше во својот дом со гости. Притоа едно дете исполнето со благодатта на Светиот Дух му притрча на стариот епископ, го целива во главата и рече: „Блажена е оваа глава, зашто за Христа ќе прими маченички венец!“ Ова пророштво наскоро се обвистини. Царот Савориј покрена луто гонење на христијаните по цела Персија, па беше фатен и Акепсим и го изведе пред некој идолски кнез. На уапсениот и врзан епископ му пристапи некој од неговите домашни и го праша што заповеда во поглед на неговиот дом. Светителот му одговори: „Тоа веќе не е мој дом, јас неповратно одам во вишниот дом.“ После големи мачења го фрлија во затвор. Во истиот затвор утредента ги доведоа Јосиф и Ајтал, од кои Јосиф беше седумдесетгодишен старец презвитер, а Ајтал ѓакон. После три години затвор и многу маки на Акепсим му ја отсекоа главата, а Јосиф и Ајтал ги закопаа во земја до бедрата и бездушниците им наредија на христијаните да ги удираат со камења. По Божја Промисла телото на Јосиф ноќта исчезна, а над Ајталовото тело израсна дрвото марсина, коешто исцелуваше секаква болест и мака кај луѓето. Ова траеше пет години, а потоа завидливите незнабожци го исекоа дрвото. Овие Христови војници пострадаа во 4 век во Персија, за време на незнабожниот цар Савориј.

Тропар
Небесната светлина ги вдоми телата ваши напатени, о исповедници Христови, Акепсиме, Јосифе и Аитале. Исповедништвото на вистината место небесно припреми и слава маченичка разгласена стана по целата вселена. Затоа радувајте се во свитата на Божјите пријатели, и за нас молете се, вие на кои смртта им стана добивка.

Светиот великомаченик Георгиј – Ѓурѓиц

На овој ден се празнува преносот на моштите на Св. Георгиј од Никомидија во градот Лида Палестинска, каде што пострада во времето на царот Диоклецијан. Страдањето на овој прекрасен светител е опишано под 23 април. Пред смртта Св. Георгиј го замоли својот слуга да го земе неговото мртво тело и да го пренесе во Палестина, од каде што беше родум и мајка му и каде што имаше голем имот, кој им го раздаде на сиромасите. Слугата така и направи. Во времето на царот Константин во Лида побожните христијани му изградија на Св. Георгиј прекрасен храм и при осветувањето на храмот во него ги пренесоа моштите на светителот и таму го закопаа. Од чудотворните мошти на Св. великомаченик Георгиј се случија големи чуда.

Тропар
Како ослободител на плениците и заштитник на сиромасите, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносче великомачениче Георгије, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.

Кондак
Откако најдовме прибежиште во твојата брза и непобедлива заштита, Христов страдалнику, ние верните кои те воспеваме, молиме да се избавиме од вражјите соблазни, и од секакви несреќи и опасности, за да повикуваме: Радувај се, маченику Георгие!

Преподобен Илија Египетски

Се подвизуваше близу Антино, главниот град на Тиваида. Во сурови и непристапни карпести пустини проживеа седумдесет години. Се хранеше само со леб и со урми, а кога беше млад постеше по цели седмици. Ги исцелуваше сите маки и болести кај луѓето. Се тресеше од старост. Се упокои во сто и десетата година од животот, кога се пресели во радоста на својот Господ. „Чувајте го вашиот ум од лоши помисли за ближните, знаејќи дека нив ги уфрлуваат демоните со цел да ви го оддалечат умот од гледањето на сопствените гревови и од стремежот кон Бога“

Тропар
Блажен си ти, свет исповедниче Илија, благодатта Христова ум ти просветли, волја ти изостри вистина да поимаш, ближен да не осудуваш. Радувај се сега во Небесното Царство, свет подвижниче, сотруднику на ангелите, и за нас моли се мисли да преумиме и Бога да Го прославуваме.