Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 01/11/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот пророк Јоил

Втор по ред од малите Пророци, Св. Јоил беше син Ватуилов, од коленото Рувимово. Живееше 800 години пред Христа. Му ја пророкуваше бедата на Израилскиот народ и го предвозвести Вавилонското ропство за гревовите што ги направи Израилот пред Господа. Го повикуваше народот на пост и свештениците на покајни плачни молитви за да се смилостиви Бог. „Заповедајте пост, повикувајте кон Господа. Меѓу тремот и олтарот нека плачат свештениците.“ Пророкот Јоил го прорече и слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и излевањето на благодатта на Духот Божји врз сите христијани. Го прорече и го опиша Страшниот Суд Божји. Ја прорече и славата на светата Божја Црква.

Тропар
Слуго Божји, пророче свети, на кого Севишниот почетокот на мудроста му го откри, глас давајќи кој на покајание повикува. Нам кои денес чест и прослава ти воздаваме, о Јоиле, измоли ни страв Божји во срцата да имаме, а во денот кој с? ќе разобличи, милост пред Бога да најдеме.

Светиот маченик Вар

Беше римски офицер во Мисир и притоа потаен христијанин. Кога седуммина хрситијански учители беа фрлени во затвор, Вар ги посетуваше во затворот, ги снабдуваше со потребното, им служеше усрдно. Им се восхитуваше на мачениците и жалеше што и тој од страв не може да стане маченик за Христа. Оние Божји луѓе го охрабрија и Вар реши и самиот да појде со нив на маки. Еден од тие Божји луѓе се упокои во затворот. Кога нечестивиот кнез ги изведе мачениците пред себе и виде дека се шест, запраша каде е седмиот. Вар извика дека самиот е седмиот. Тогаш разјарениот кнез прво го зеде и го мачеше Вар. Нареди и го биеја гол со суви стапови; потоа го приврзаа за едно дрво и со ножеви му сечеа парче по парче од месото, додека не ја предаде светата душа на Господ. Неговот тело го фрлија на ѓубриште. Некоја жена, Клеопатра, родум од Палестина и вдовица на некој офицер, се најде тука со нејзиниот син Јован. Тајно ги зеде моштите на Св. Вар од ѓубриштето и ги погреба во својот стан. Потоа измоли од кнезот дозвола да може да го пренесе од Мисир во Палестина телото на својот упокоен маж. Како на офицерска жена кнезот тоа веднаш ? го дозволи. Но блажената христијанка Клеопатра не го пренесе телото на својот маж, туку моштите на Св. маченик Вар. Таа ги однесе овие Свети мошти во своето родно село Едра близу Тавор и таму чесно ги погреба. Потоа на Св. Вар му подигна и храм. Светиот маченик често ? се јавуваше од оној свет, светол како ангел Божји.

Тропар
Љубовта и честа покажани спрема страдалниците, Варе свети, награда добија во очи затворени и срце спремно за Господа. Венецот маченички се умножи над главите ваши, кои се поклонија пред Животот вечен, учители наши, по чии молитви благодат од Христа се излива и спасение измолува.

Преподобен Прохор Пчински

Бидејќи се молеше за тоа, Бог му го покажа местото на неговиот подвиг. Тоа место беше на брегот на реката Пчиња. Свети Прохор се подвизуваше таму до старост и до својата смрт. Само Едниот Бог знае за сите негови подвизи и искушенија што ги претрпе во текот на овој живот. Но според неговите мироточиви мошти и безбројните чудесни исцеленија, коишто и денес не престанаа, може да се суди за големината на Божествената благодат што му ја подари Бог за неговите големи страдања. Свети Прохор се упокои и се пресели во Царството Небесно во 9 век.

Тропар
Достоен стана о, Ти преподобен оче Прохоре, Христов ученик да се наречеш, затоа што светот и неговата прелага ги остави, и душата своја за Бога ја оневести. А Он Младенецот со милост те закити, и со чудотворство те надари, за да вавек измолуваш спасение, за оние кои го повикуваат твоето свето име, а Христа го прославуваат припаѓајќи при твоите свети мошти.

Кондак
Храбро си извојувал голема победа; затоа, разгорен со љубов божествена, си го презрел распадливиот цар и секоја убавина, кога се насели во Козјак планина. Од неа, пак, се вознесе на небесата при Царот над царевите, Прохоре. За сите нас моли се непрестајно.

Пренос на моштите на свети Јован Рилски

Овој голем подвижник и светилник на Православната Црква се родил близу Софија, во местото Скрина, во времето на царот Борис. Се родил од бедни и благочестиви родители. По смртта на родителите се замонашил и се оддалечил во една дива гора, и таму во една пештера почнал да се подвизува. Овде претрпел многу напади од демоните и од луѓето, од разбојници и од своите роднини. Потоа се преселил на Рилската планина и се населил во едно шуливо дрво. Се хранел само со трева и со грав, кој по Божја Промисла почнал да расте во близина. Долги години немал видено човечко лице, додека, повторно по Божја Промисла, не го откриле овчари кои трагале по своите изгубени овци. Така светителот се прочул меѓу луѓето и тие почнале да доаѓаат кај него, барајќи помош во болестите и маките. Го посетувал и самиот цар бугарски Петар и барал совети од него. Мнозина ревнители во духовниот живот се населиле близу свети Јован и таму наскоро биле основани црква и манастир. Свети Јован се упокоил во Господ на 18 август 946 година, во седумдесеттата година од својот живот. По смртта им се јавил на своите ученици. Неговите мошти се пренесени најнапредпрво во Софија, па во Унгарија, потоа во Трново и најпосле во Рилскиот манастир, каде што и денес почиваат. Рилскиот манастир со векови бил светилник и место на чудотворна сила и духовна утеха за христијанскиот народ, особено во тешките времиња на турското ропство.

Тропар
Твојот рамноангелен живот, преподобни, стана темел на покајанието, пропис на умилението, пример за утеха, за духовно усовршување. Пребивајќи во молитви и постења, и во солзи, оче Јоване, моли Го Христа Бога, за душите наши.

Кондак
Земајќи го за пример ангелскиот живот, преподобни, ти остави с? што е земно, и кон Христа прибегна. Оградувајќи се со Неговите заповеди, се покажа како столб непоколеблив од непријателските напади. Затоа ти повикуваме: Радувај се, оче Јоване, светило пресветло!