За постот
|
||
Светите маченици Сергиј и Вакх
Овие Свети и прекрасни маченици за верата Христова беа најпрво достоинственици на дворецот на царот Максимијан. И самиот цар многу ги уважуваше заради храброста, мудроста и верноста. Но кога слушна царот дека овие негови двајца достоинственици се христијани, ја измени својата љубов кон нив во гнев. И еднаш кога имаше големо жртвопринесување на идолите, царот ги повика Сергиј и Вакх заедно со него да им принесат жртви, но тие отворено му откажаа послушност во тоа. Надвор од себеси од јарост, царот нареди и им ја соблекоа војничката облека, ги облекоа во женски фустани; уште им ставија и железни обрачи на вратот и така ги водеа по улиците на градот Рим за потсмев на сите и на секого. Потоа царот ги испрати во Азија, кај својот намесник Антиох, заради мачење. А овој Антиох се имаше издигнато на својата положба со помош на Сергиј и Вакх, коишто во свое време го препорачаа кај царот. Кога тој почна да ги советува да се одречат од Христа за да се спасат себеси од бесчестење, маки и смрт, овие свети луѓе му одговорија: „И чест и бесчестење и живот и смрт - с ? му е исто на оној што го бара Царството Небесно.“ Антиох ги фрли Сергиј и Вакх во затвор и нареди првин да го мачат Вакх. Слугите се менуваа еден по друг тепајќи го светиот, с ? додека не му го здробија телото. Од здробеното раскрвавено тело на Св. Вакх излезе неговата душа носена од ангелските раце пред Господа. Тој пострада во градот Варвалис. Тогаш беше изведен Св. Сергиј, когошто го обуја во железни опинци начичкани со клинци и така го туркаа до градот Росаф во Сирија, каде што го убија со меч. Пострадаа и примија венци на бесмртна слава околу 309 година.
Тропар
Величание на Христовите страдалници и очи на Црквата Христова, Сергее многустрадален и Вакхе преславен, просветете ги очите на нашите души. Молете Го Господа да ја одбегнеме темнината гревовна и да станеме причесници на Невечерната Светлина по вашите молитви.
Светиот маченик Полихрониј
Родум од Агатанидската епархија, од родители селани. Како млад аргатуваше на лозјето на некој цариграѓанин. Но како аргатин Полихрониј се предаваше на деноноќен подвиг на пост и молитва. Кога го виде неговиот живот, според чистотата и воздржливоста ангелски, газдата му даде многу повеќе пари одошто имаше заработено. А Св. Полихрониј ги зеде парите и изгради црква. Во времето на Никејскиот Собор Полихрониј беше чтец и во таа прилика покажа толкава ревност во застапувањето на Православието пред аријанците, што го посветија за свештеник. Подоцна овие злобни еретици за одмазда го нападнаа Св. Полихрониј во самата црква и го исекоа на парчиња. Така пострада овој голем бранител на Вистината и чистотата на Православието и прими венец на слава од својот Господ.
Тропар
Целовита вечност ти подари Господ, тебе Полихроние, свети мачениче, од младоста раката Господова пребиваше на тебе и благодатта чудотворства покажуваше во твоето земно живеење, кое запечатено стана со исповедништвото за Христа, предадено на Црквата Небесна, за која ти како жртвено јагне телото го предаде. Од Неа сега ги просиме твоите свети молитви, за нашето спасение.