Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 15/08/2020

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Откривање и пренос на моштите на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан

Кога злите Евреи го убија со камења Свети Стефан, го оставија неговото тело да го изедат кучињата. Но Промислата Божја сакаше поинаку. Телото на маченикот лежеше на отворено место под градот два дена и две ноќи, а втората ноќ дојде Гамaлиил, учителот на Павле, а потаен ученик на Христа, го зеде телото, го однесе на својот имот во Кафаргамала и овде во една пештера го погреба чесно. Во истата пештера Гамалиил го погреба и својот пријател Никодим, којшто плачејќи над Стефановиот гроб умре. Овде Гамлиил го погреба и својот крстен син Авив. И според заветот што го остави и самиот Гамалиил беше овде погребан. Оттогаш поминаа векови и никој од живите не знаеше каде е погребано телото на Свети Стефан. Но во 415 година, во времето на ерусалимскиот патријарх Јован, му се јави Гамaлиил трипати на свештеникот кафаргамалски Лукијан и потенко му раскажа с ѐ за погребот на оние што ги спомнавме, покажувајќи го точното место на нивните заборавени гробови. Возбуден од овој сон, Лукијан му јави на патријархот и штом зеде благослов поведе луѓе и појдоа да ги откопаат четирите гроба. Пештерата се преисполни со силно благоухание од светителските коски. Тогаш моштите на Свети Стефан ги пренесоа свечено на Сион и таму ги погребаа чесно, а моштите на другите ги изнесоа на еден рид над пештерата и овде ги положија во една црква. Од моштите на Свети Стефан тој ден се извршија многу исцеленија на болни. Подоцна тие мошти беа пренесени во Цариград. Така Господ го овенча со голема слава оној којшто прв ја пролеа својата крв за Неговото име.

Светиот свештеномаченик Стефан, папа Римски и другите со него

Беше папа во Рим од 253 до 257 година. Се бореше против еретиците новацијани. Ја исцели Лукила, ќерката на трибунот Немезиј, па ги крсти и двајцата. Пострада во времето на Валеријан со уште дванаесет свои клирици. Убиен со меч за време на литургија.

Светиот блажен Василиј, јуродив Московски

Татко му се викаше Јаков, а мајка му Ана. Во својата шеснаесетта година се предаде на подвиг на јуродство и во тој тежок подвиг издржа седумдесет и две години. С ѐ на с ѐ живееше осумдесет и осум години. Немаше никакво постојано пребивалиште. Исправаше грешници, укоруваше големци, прорекуваше вистинито, имаше далечински виденија. Откако се изнатрпи во глад, во мраз, во човечки навреди, Му ја предаде својата света душа на Господ. На погреб му дојдоа царот Иван и московскиот митрополит. Погребан е во храмот на Пресвета Богородица во Москва, кој после се нарече со неговото име.