Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 14/08/2022

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

За постот
Светата причест
За исповедта
За духовниот отец

Св. Великомаченици Георгиј, Димитриј и Меркуриј
Св. Великомаченици Георгиј, Димитриј и Меркуриј

Православен календар
за овој месец

Пребарување:


Пренос на моштите на свети Климент Охридски

Ученик на Светите Методиј и Кирил. По смртта на Св. Методиј Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ. Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј - заедно наречени Петочисленици - го помина Дунав, поседе како гостин при царот Борис Михаил и потоа дојде во охридскиот крај. Прво основа манастир во Белица, кај што му беше и првото епископско седиште. Подоцна се пресели во Охрид и оттаму разви голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Во Охрид Свети Климент му подигна црква на Св. Пантелејмон. Имаше голем број ученици коишто ги препишуваа книгите со словенски букви за словенскиот народ. При таа дејност особено му помагаше Св. Наум. Вршеше чуда и за време на земниот живот, а неговите мошти до денешен ден пројавуваат исцелителна сила. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокои мирно во Охрид, во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во некогашниот храм на Пресвета Богородица, којшто подоцна се нарече по Свети Климент.

Тропар
Со зборови си ги упатил народите во верата Божја, со делата си се издигнал, преблажени, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветлил оние што пристапуваат верно кон тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Поради тоа го славиме твојот божествен спомен, Клименте.

Кондак
Твојот храм, светителу, се покажува како преславно духовно лечилиште за тие што му пристапуваат со вера, бидејќи избавува од сите различни болести, а умртвува секакви страсти на душите. Поради тоа, себлажени, како топол застапник те одбележуваме.

Преображенски и Богородичен пост

Богородичниот, односно Успенскиот пост настапува еден месец по празнувањето на Соборот на светите апостоли Петар и Павле, а пред големите празници на Преображението Господово на гората Тавор и Успението на Божјата Мајка (познат во нашиот народ и како Голема Богородица). Успенскиот пост трае две седмици, од 14/1 август, до 27/14 август. За разлика од Великиот и Петровденскиот пост, овој пост не започнува секогаш од понеделник, односно неговиот почеток може да се случи во кој било ден од седмицата. Овие пости не се толку строги како Великиот, но се построги од Петровденскиот и Божикниот пост. Црковниот типик пропишува од понеделник до петок храна без масло, а во саботите и неделите се дозволува вино и масло. До празникот Преображение Господово, кога во храмовите се осветува грозјето, Црквата нe задолжува да се воздржуваме од тој плод. На празникот Преображение Господово, според црковниот типик на трпезата се дозволува риба.

Седумтемина Макавеи, нивната мајка Соломонија и свештеникот Елеазар

Сите пострадаа за чистата Израилска Вера од царот Антиох, од едни наречен Епифанос (просветлен), а од други Епиманис (безумен). Заради големите гревови во Ерусалим, особено заради грабањето колу архиерејската власт и злосторствата извршени при тие грабања, Бог допушти голема беда на Светиот град. Антиох сакаше да им го наметне елинското идолопоклонство на Евреите по секоја цена и с ? вршеше во тој правец. Таа негова мисла ја помагаа и некои вероломни архиереи и други старешини ерусалимски. Еднаш самиот цар дојде во Ерусалим и нареди сите Евреи да јадат свинско месо, што е спротивно на законот Мојсеев. Зашто јадењето свинско месо беше очигледен знак дека некој се одрекол од верата Израилска. Старецот Елеазар, самиот свештеник и еден од преведувачите на Стариот Завет на грчки јазик, не сакаше да јаде свинско месо. За ова беше мачен и запален. Враќајќи се во Антиохија царот ги зеде со себе седумте синови наречени Макавеи и мајка им Соломонија. Седумтемина браќа Макавеи се викаа: Авим, Антонин, Елеазар, Гуриј, Евсевон, Алим и Маркел. Пред очите на мајка им свирепиот цар ги мачеше овие седуммина еден по еден, дерејќи ја секому кожата од лицето и фрлајќи ги потоа во оган. Тие сите храбро ги претрпеа маките и смртта и не се одрекоа од својата вера. Најпосле и мајка им, откако го виде својот тригодишен син во огнот, самата скокна во огнот и изгоре, предавајќи Му ја душата на Бога. Сите чесно пострадаа за верата во едниот жив Бог околу 180 година пред Христа.

Тропар
Господи Боже наш, Ти Кој поглед од човека не свртуваш, смилувај се на нас кои на Тебе забораваме, еве во труд срцата Ти ги принесуваме, и како што се надеваа браќата Макавејски, телата свои за Тебе положувајќи ги, од Тебе да ги добијат во Царството на славата, дозволи да ја имаме радоста на нивната мајка, која породот на срцето го принесе, и со неа озарени, Тебе вавек да Те прославуваме.

Кондак
Седмочислени столбови на премудроста Божја, и седмосвешни светилници на божествената светлина, Макавеи семудри, пред мачениците преголеми маченици, заедно со нив сите на Бога молете се, да се спасат оние што ве почитуваат.

Изнесувањето на Чесниот Крст

Овој празник е востановен договорно од Грците и Русите за време на грчкиот цар Мануил и рускиот кнез Андреј во спомен на истовремената победа, и тоа: на Русите над Бугарите, а на Грците над Сарацените. Во обете војни во војските се носени крстови од кои заблескале небесни лачи. Затоа беше востановено на 1 август да се изнесува Крстот од Света Софија, најпрво на средината на црквата, а потоа и на улиците, заради поклонение на народот и заради споменот на чудотворната помош на крстот во претходните војни. Ова не беше некој обичен крст туку вистинскиот Чесен Крст, којшто се чуваше во храмот на царскиот дворец. На 31 јули Чесниот Крст е пренесуван од царскиот дворец во Света Софија, а оттаму потоа носен по улиците заради осветување на земјата и воздухот. Најпосле, на 14 август, беше повторно вратен во храмот на царскиот дворец.

Светите девет маченици: Леонтиј, Атиј, Александар, Киндеј, Минситеј, Киријак, Минеон, Катун и Евклеј

Првиот беше дрводелец, а останатите земјоделци. Заради дерзоста да ја исповедаат Христовата вера и затоа што го урнаа храмот на Артемида, луто истизавани и обезглавени во времето на Диоклецијан во Пергија Памфилиска, станаа наследници на Христовото царство.

Тропар
Триипостасниот Бог ја поддржа ревноста ваша, о Леонтие, Атосе и Александре, глас во град и молњи, о Киндее, Мниситее и Киријаче, глас во оган и дождови, о Минеоне, Катуне и Евклее. Паднаа идолите, се искалија венците маченички и победа заблеска на небото од Господа, приведена врз главите ваши маченички, и победа доаѓа од молитвите кои од вас ги просиме пред Христа Спасителот.