Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 13/08/2020

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Свети Евдоким

Роден во Кападокија од благочестиви родители, Василиј и Евдокија. Во времето на царот Теофил (829 г. – 842 г.) Евдоким беше млад офицер во војската. Но и како војник вложуваше секаков напор за да живее според евангелските заповеди. Непорочно ја чуваше својата чистота и одбегнуваше да зборува со која и да е жена освен со мајка му; беше милосрден кон бедните, грижлив во читањето свештени книги и уште погрижлив во молитвите кон Бога. Одбегнуваше суетни забави и празнословие. „Сред метежот и суетата на светот, како крин меѓу трње и како злато насред оган“. Заради неговите необични добродетели царот го постави за војвода кападокиски. На таа висока положба Евдоким се грижеше да биде праведен пред Бога и кон луѓето. Но по Божја Промисла се упокои рано, во својата триесет и трета година. Неговите мошти се пројавија како целебни. Еден полуден човек се допре до неговиот гроб и оздраве, а и едно фатено дете се крена и стана здраво. По осумнаесет месеци неговата мајка го отвори ковчегот и го најде неговото тело како живо, без каков било знак на распаѓање. А од телото на светителот излегуваше прекрасен мирис. Подоцна моштите му ги пренесоа во Цариград и ги погребаа во новата црква на Пресвета Богородица, усторена од благочестивите родителите на овој праведен Евдоким.

Светата маченичка Јулита

Од Кесарија Кападокиска. Со соседот имаше спор околу имотот, па тој појде на суд и објави за Јулита дека е христијанка, што за тоа време значеше да биде фрлена надвор од законска заштита. Света Јулита попрво се откажа од имотот одошто од верата. Но злобните незнабожци не ја оставија мирна ни после ова, туку ја мачеа и најпосле ја изгореа во оган, во 303 година. Оваа следбеничка на Христа ги даде имотот и телото за да си ја спаси душата за вечноста.

Свети Јосиф од Ариматеја

Благообразниот Јосиф, богатиот човек, член на еврејскиот Синедрион и потаен следбеник на Христос (Матеј 27, 57; Јован 19, 38). Го симна Христовото тело од крстот и заедно со Никодим го положи во својата гробница. За ова беше окован од Евреите и фрлен во затвор. Но таму му се јави воскреснатиот Господ и го увери во Своето воскресение. Потоа Евреите го пуштија од затворот и го протераа од татковината. Тој тргна да го проповеда Христовото Евангелие по светот, а таа вест ја донесе и во Англија, каде што се упокои во Господ.