Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 10/08/2020

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светите апостоли Прохор, Никанор, Тимон и Пармен

Четворицата беа од бројот на Седумте ѓакони и од Седумдесеттемина апостоли. Останатите тројца ѓакони беа: Стефан, Филип и Николај. Првомаченикот Стефан се празнува одделно на 27 декември, а Филип на 11 октомври. Николај не влезе меѓу светителите заради ерес. А првите четворица немаат посебен ден за празнување, туку сите се спомнуваат на денешен ден, 28 јули. Прохор беше ракоположен од Светиот апостол Петар за епископ Никомидиски. Извесно време беше на служба кај Св. Јован Богослов и на островот Патмос ги забележа откровенијата што ги чу од устата на Св. Јован. Потоа се врати во Никомидија, каде што вложи голем труд за обраќање на народот во верата. Маченички се упокои во Антиохија, каде беше убиен од неверници. Свети Никанор пострада во Ерусалим истиот ден кога и Светиот архиѓакон Стефан, а набрзо по него пострадаа и две илјади други христијани, кои беа убиени од зли Евреи. Тимон беше епископ во Арабија и пострада за Христа на крст. Пармен умре пред очите на апостолите и тие го оплакаа и го погребаа.

Светиот маченик Јулијан

Во времето на царот Антонин Свети Јулијан премина од Далмација во Кампанија Италијанска. Беше млад и убав младич, со сета душа предаден на Господ. На патот го сретнаа царски војници кои одеа да ги фаќаат христијаните. „Мир вам, браќа!“, им се обрати Свети Јулијан. По ваквиот поздрав и по кротоста на неговото лице, војниците заклучија дека е хтристијанин. Кога го прашаа, Јулијан им одговори: „Христијанин сум, родум од Далмација“. Уште отворено им призна и дека патува со цел да ги обраќа идолопоклониците кон единствениот жив Бог. Војниците бездушно го натепаа и најпосле го фрлија во некој ров, каде што седум дена помина без каква и да е човечка храна. Но му се јави ангел Божји и му даваше небесна храна. Изведен на суд Јулијан остана во верата тврд како дијамант. Гледајќи ја неговата мажественост и непоколебливост во верата, триесет луѓе се обратија кон Господ Исус Христос. Осуден на смрт, Свети Јулијан клекна да вознесе молитва кон Бога, Кому Му благодареше за маченичкиот подвиг и Го помоли да ги милува оние што ќе го почитуваат неговиот спомен. Беше убиен со секира и така Му го предаде својот дух на Бога.

Преподобен Павле Ксиропотамски

Син на царот Михаил Куропалат. Со блескаво образование, со ретка мудрост и кротост, во неговите момчешки години Прокопиј (така се викаше најпрво) беше предмет на восхит во сиот Цариград. Во една повелба царот Роман Постариот го нарекува „најголемиот од сите философи“. Но од страв да не му се погордее душата па од човечката слава да му пропадне, ова прекрасно момче еден ден се облече во просјачки крпи и отиде на Света Гора, каде што од светителот Козма го прими монашкиот чин. По долги осаменички подвизи го обнови Ксиропотамскиот манастир, а малку потоа изгради и нов манастир, Свето-Павловскиот, во кој потоа и се упокои. Кога се осветуваше тој манастир, царот Роман испрати на дар голем дел од Чесниот Крст, којшто до денес се чува таму. За овој светител се вели дека го проповедал Евангелието во Македонија и во Србија. Многубројни маки претрпе од свирепиот цар Лав Ерменин иконоборец. Се упокои во 820 година. Пред смртта Свети Павле им рече на браќата: „Еве го часот којшто мојата душа го сакаше и од кој моето тело се плашеше“.

Светиот маченик Евстатиј

Овој Христов маченик беше војник во Анкира. Изведен на суд не се исплаши од ниедни маки и слободно го исповедаше името на Господ Исус. Војводата Корнилиј нареди и му ги превртеа стапалата, му провлекоа јаже, па го влечеа Божјиот човек до некоја река и го фрлија во реката. Спасен со Божјата сила и исцелен од раните, тој му се јави на војводата наполно здрав. Кога го виде жив војводата толку се исплаши, што го извади мечот и самиот себеси се прободе. Евстатиј поживеа уште некое време и се упокои во Господ во 316 година.