Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 02/08/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот пророк Илија

Боговидец, чудотворец, ревнител за Божјата вера. Родум од племето Ароново, од градот Тесвит и затоа е наречен Тесвитјанин. Кога се роди Илија, неговиот татко Савах виде ангели Божји околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Ова беше предзнак за неговиот пламенен карактер и за богодаруваната огнена сила во него. Целата своја младост ја мина во богомислие и во молитва, повлекувајќи се често во пустината за во тишина да размислува и да се моли. Во тоа време еврејското царство беше разделено на два нееднакви дела: Јудиното царство опфаќаше само две племиња, Јудиното и Венјаминовото, со престолнината во Ерусалим, а Израилевото царство ги вклучуваше останатите десет племиња со престолнина во Самарија. Со првото царство владееја потомците на Јеровоам, слуга на Соломон. Најголем судир пророкот Илија имаше со израилскиот цар Ахав и со неговата изопачена жена Језавела. Зашто тие им се поклонуваа на идолите и го одвраќа народот од служењето на единствениот и жив Бог. Одозгора уште и Језавела, којашто беше Сиријка, го наговори мажот ? да подигне храм за сирискиот бог Ваал и да одреди свештеници за тој лажен бог. Со големи чуда Илија ја покажа силата и власта Божја: го затвори небото, па немаше дожд три години и шест месеци; спушти оган од небото и Му запали жртва на својот Бог, а жреците на Ваал тоа не можеа да го направат; низведе дожд од небото со својата молитва; чудесно ги умножи брашното и маслото во куќата на вдовицата во Сарепта и го воскресна нејзиниот умрен син; му прорече на Ахав дека кучињата крвта ќе му ја лижат и на Језавела дека кучињата ќе ја изедат, што и се случи; и многу други чуда изврши и настани предвести. На Хорив разговараше со Бога и во тивкиот свеж ветрец го чу гласот Божји. Пред да се вознесе го зеде Елисеј и го одреди за наследник во пророчката служба; со својата наметка го пресече Јордан; и најпосле беше земен на небото во огнени кочии со огнени коњи. На Тавор заедно со Мојсеј Му се јави на Господ Исус Христос. Пред крајот на светот Илија повторно ќе се јави за да ја сотре силата на Антихристот (Откр. 11).

Тропар
Ангел во тело, темел на пророците, втор претеча на Христовото пришествие, славниот Илија, кој одозгора му испрати благодат на Елисеја, болести да лекува, лепрозни да очистува. Затоа и на оние што го почитуваат им дава исцеленија.

Кондак
Пророче и предвидувачу на великите дела на нашиот Бог, Илија со големо име, кој со твојот збор ги задржа водоносните облаци, моли Го за нас единствениот Човекољубец.

Свети Илија, патријарх Ерусалимски и Свети Флавијан, патријарх Антиохиски

Големи ревнители за верата и бранители на Православието. Обајцата умреа во прогонство каде што ги протера царот Анастасиј. Точно ја предвидоа смртта на овој цар и својата. Истовремено си пишуваа еден на друг од оддалечени места: „Царот Анастасиј денес умре, да појдеме и ние со него пред Судот Божји “. И по два дена и двајцата светители се упокоија, во 518 година.

Тропар
Ревнители на Православието, Божји пастири несоборливи, кои заради Христа исповедничко мачеништво одбраа, верата ја сочуваа, души на многумина Господ преку нив избави. Денес ве чествуваме и славословие принесуваме, о Илие и Флавијане, Божји угодници.

Свети Пречистански преподобномаченици

Кон средината на XVI век, монашкото братство од манастирот „Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста“,во Кичево, станало вистинска утеха и крепост за напатениот народ, кој страдал под тешкото османлиско ропство. Гласот за нивната слава и духовна сила допрел и до злонамерните Агарјани, па тие на 27 март 1558 година со сета своја јарост се упатиле кон светата Богородична обител. Браќата заедно со присутните мирјани биле собрани, како и обично, во храмот на заедничка Литургија. За време на херувимската песна, отец Аверкиј, кој морал да исполни некое послушание надвор, втрчал во храмот и известил дека кон манастирот се приближува многуброен, насилнички османлиски аскер. Тогаш преподобниот старец Евнувиј, заедно со уште двајца монаси Пајсиј и Аверкиј, подготвени да примат маченички венец, останале во манастирот, а останатите монаси и мирјани заминале во шумата и таму пронашле безбедно место за да ја довршат Литургијата. По службата, откако се увериле дека Агарјаните биле заминати, монасите се вратиле и тука затекнале страшна и тажна глетка: сe било уништено, храмот бил во пламен, а на местото ??сподинец, близу манастирската чешма, лежеле телата на тројцата маченици. Откако непоколебливо одбиле да се приклонат кон иноверното учење и пред разбеснетите Агарјани ја исповедале својата силна вера во Спасителот Христос, тие биле страшно измачувани и примиле маченички венец. Со силното молитвено застапништво на светите тројца преподобномаченици и под покровителство на Пресвета Богородица, светата обител не се распуштила, туку продолжила со својата монашко-просветна дејност. Така, за шест години бил соѕидан нов храм од камен.

Тропар
Подигнувајќи го крстот Господов на плеќите, животот подвижнички со меч го запечативте. Евнувие славен атлете, Пајсие на мачениците подражателу, и Аверкие христодушен подвижнику, нечестието го изобличивте; затоа пред Христа застапете се и нам да ни ја дарува, со силата на Духот Божествен, посакуваната рајска светлина.

Свештеномаченик Николај Хашех

Краткиот животопис на свети Николај е составен, главно, според книгата напишана од неговиот син, свештеномаченикот Хабиб (Абиба) Хашех. Свети Николај Хашех се родил во Дамаск на 31 август 1865 година, во семејството на Јосиф Хашех и Марија Мукаба. Стекнал образование во Патријаршиската школа во Дамаск. Потоа се зачленил во Националното православно друштво, каде бил еден од најактивните членови што се занимавале со арабизација на Антиохија. Водел трговија со свила, но бил принуден да ја остави таа работа поради гонењата во Дамаск. Бил ракоположен за ѓакон на 25 март 1900 година, а два месеца подоцна – во чин на ереј. Долго време раководел со општината што го носела името на преподобниот Јован Дамаскин, дење и ноќе се грижел за училиштето и читалните. Во 1908 година Патријархот Григориј IV го ополномоштил да го застапува во Киликиската епархија. Отец Николај многу нешта направил за градот Мерсина. Успеал да отвори две училишта – едно за момчиња, друго – за девојчиња. За време на Првата светска војна им помагал на семејствата што имале потреба, на сите начини се обидувал да им ја олесни судбината на своите парохијани и на сите што претрпеле загуби, застапувајќи се како посредник меѓу нив и официјалните власти. Маченичката смрт на отец Николај се случила откако неосновано бил наклеветен од еден свој сонародник. Отец Николај бил измачуван со глад, болка, тепање со камшик, корнење нокти, кршење ребра. Во текот на ноќта непоколебливо ги трпел исмејувањата кога еден исклучително силен стражар со сета сила го удирал по градите. Неговата уста не испуштила ни звук. Џелатите го тепале отец Николај с? додека не му ја искршиле главата. Така и умрел маченикот за Христос, кој ги љубел Бог и Неговите луѓе. Тоа се случило на 20 јули/2 август 1917 година.