Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 16/06/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот маченик Лукилијан и со него: Клавдиј, Ипатиј, Дионисиј и девицата Паула

Остарен како незнабожец и идолски жрец Лукилијан како белокос старец ја позна христијанската вистина и се крсти. Неговото обраќање во христијанство предизвика голема возбуда меѓу незнабожците во Никомидија и беше изведен на суд, но бидејќи не сакаше да се одрече од својата нова вера, луто беше биен и претепан го фрлија во затвор. Во затворот најде четири момчиња: Клавдиј, Ипатиј, Павле и Дионисиј, заробени заради верата во Христа. Старецот им се израдува на момчињата и тие нему, и сите заедно го минуваа времето во побожни разговори, молитви и псалмопение. Кога ги изведоа од затворот, ги мачеа со разни маки и најпосле ги пратија во Византија, каде што момчињата беа од војниците исечени со меч, а Лукилијан од Евреите распнат на крст. Злобните Евреи целото тело му го избоцкаа со клинци. Некоја девица Паула јавно го зеде телото на маченикот и го погреба чесно. За ова беше обвинета, па мачена и на крајот ја исекоа. Од Господ прими два венци: на девственост и на мачеништво. Овие маченици пострадаа во времето на царот Аврелијан, меѓу 270 и 275 година.

Тропар
Како на орел што се обновува во младоста негова, така верата во светиот Лукилијан обнови сила духовна, заточен со светите младенци Клавдиј, Ипатиј, Павле и Дионисиј, заедно сите кон Бога благодарност вознесуваа за обнова на нивните тела од мачењата. Со мудрата девственичка Павла, о свети, маченички венци добивте, исповедувајќи дека чистотата на срцето е над секое умно мудрување, молете се свети маченици, за овој род бунтовен човечки.

Светиот свештеномаченик Лукијан

Римјанин, познат по своето благородничко потекло, по богатството и ученоста. Некое време бил ученик на Светиот апостол Петар. Подоцна папата Климент го испрати заедно со Дионисиј Ареопагит во Галија, за проповед на Евангелието, откако претходно го ракоположи за епископ. Лукијан многу ревносно ја сееше Христовата наука најпрво ширум Галија, а потоа и во Белгија. Кога злобниот цар Доментијан почна да ги прогонува христијаните, од Рим во Галија беше испратена специјална потера за да ги побара и да ги испофаќа христијанските мисионери. Тие прво го фатија и го убија Свети Дионисиј, а потоа тргнаа да го бараат и Свети Лукијан. Го најдоа во Белгија, заедно со неговите помошници, презвитерот Максијан и ѓаконот Јулијан, па на едно место ги убија овие двајцата, а на друго го заклаа Лукијан. Откако му ја исекоа главата, мртвото тело на Лукијан се дигна од земјата, ја зеде својата глава со рацете (слично како телото на Свети Дионисиј, а и на Свети Јован Владимир) и така отиде до она место каде што сакаше да биде погребан. Овде падна и го погребаа. Над неговите мошти подоцна изградија црква.

Светиот маченик Димитриј, принц руски

Подло беше убиен од властољубивиот Борис Годунов во осмата година од својот живот, 1591 година, во градот Углич. Му се јави по смртта на еден монах и му прорече дека ќе се јави лажен Димитриј, којшто ќе ја предизвика смртта на убиецот Борис Годунов. На гробот на овој убиен принц се случуваа безброј чуда. Неговите мошти после петнаесет години беа откриени цели и нетлени и свечено пренесени во Москва, каде што ги погребаа во црквата на Св. Архангел Михаил.