Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 25/05/2022

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Свети Епифаниј, епископ Кипарски

Роден како Евреин, но кога ја виде силата на Христовата вера, се крсти заедно со сестра му Калитропија. Во неговата дваесет и шеста година се замонаши во манастирот на Свети Иларион. Подоцна основа засебен манастир, од каде што се прочу по сета Палестина и по сиот Мисир заради своето подвижништво, духовна мудрост и чудотворство. Бегајќи од човечка слава се оддалечи во Мисир. На патот се сретна со великиот Пафнутиј, којшто му прорече дека ќе биде архиереј на островот Кипар. И навистина, по повеќе години, по Божја Промисла, Епифаниј дојде на Кипар, каде што ненадејно го избраа за епископ во градот Саламина и како епископ управуваше со Црквата Божја педесет и пет години. Живееше на земјата с ? на с ? сто и петнаесет години и се упокои од овој живот за вечно да живее во Царството Христово. Пред смртта беше повикан во Цариград од царот Аркадиј и жена му Евдоксија, на собор на епископи којшто требаше според желбата на царот и царицата да го осуди Свети Јован Златоуст. Граѓаните слушнаа, слушна и Златоуст, како божем Епифаниј да се согласил со царот против Златоуст. Затоа Златоуст му напиша писмо: „Брате Епифаниј, чув дека си го посоветувал царот да бидам прогонет. Знај дека ни ти веќе нема да го видиш твојот престол“. На тоа Епифаниј му отпиша: „Страдалнику Јоване, одолевај им на навредите, знај дека и ти нема да стасаш до местото каде што те гонат“. И обете светителски пророштва се обвистинија набрзо: не сакајќи никако да се согласи со царот околу прогонството на Златоуст, Епифаниј тајно седна на кораб и тргна за Кипар, но на бродот умре; а Златоуст го протера царот во Ерменија, но тој по патот умре. Свети Епифаниј се упокои во 403 година. Од неговите многубројните напишани дела најпознато е „Ковчежето“ (на грчки „Панарион“), во коешто се изложени и побиени осумдесет ереси.

Тропар
Ливан ја залеа со мириси патеката на твојот живот, о велик столбу на Православието, ревноста по Христа ја привлече благодатта, и со неа мноштво чудеса сотвори, о ти гласнику на Божјото слово. Христос додаде години на твојот земен живот, пастиру на овците словесни, а мноштвото чудеса насекаде прославувајќи Го Бога Троичен, те направија сотрудник на ангелите и собеседник на пустиниците, тебе Епифание велики. Моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.

Свети Герман, патријарх Цариградски

Син на првиот царски сенатор, кого што го уби царот Константин Погонат. Истиот овој зол цар го кастрираше сенаторовиот син Герман и насилно го протера во манастир. Како монах Герман засветли со својот добродетелен живот како ѕвезда. Заради тоа беше избран прво за епископ Кизички, а потоа, кога се зацари Атанасиј II,и за патријарх Цариградски. Како патријарх го крсти злогласниот Копроним, којшто додека се крштеваше ја извалка водата со нечистотија. Тогаш патријархот прорече дека кога тоа дете ќе стане цар, ќе внесе некаква нечиста ерес во Светата Црква. Така и се случи. Кога стана цар, Копроним ја обнови иконоборната ерес. Гонењето на иконите го започна Лав Исавријанин, таткото на Копроним, а кога патријархот Герман му се спротивстави, тој надмено возвикна: „Јас сум цар и свештеник!“, па го симна Герман од престолот и го протера во манастир, каде што овој Светител проживеа уште десет години дури Господ не го повика кај Себе во Небесното Царство, во 740 година.

Тропар
Наоружан со мечот на Божјото слово, Германе свети, Спасителот те ободри, да излезеш на мегдан со лагата од овој свет, Христос преку тебе победи, и темнината ја одгони од верните свои. Моли се за нас ти, исповедниче на верата, пастиру на Црквата, за поучени од твоите сведоштва, истраеме на патот до небесата.

Светиот маченик Панкратиј

Дојде од Фригија во Рим, каде како четиринаесетгодишно момче беше мачен и убиен за Христа околу 304 година. Овој светител многу се почитува на Запад. Во Рим постои црква со неговото име и во таа црква му почиваат моштите.