Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 22/05/2020

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот пророк Исаија

Овој голем пророк беше од царски род. Роден во Ерусалим од татко Амос, брат на јудејскиот цар Амасиј. Според големата Божествена благодат што беше во него, Исаија се удостои да Го види Господ Саваот на небесниот престол, опкружен со шестокрили серафими, коишто непрестајно пееја: Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот. Исаија им пророкуваше многу нешта како на одделни луѓе така и на народите. Еднаш три дена одеше сосем гол по улиците ерусалимски пророкувајќи го брзиот пад на Ерусалим под Асирскиот цар Сенахерим и опоменувајќи ги царот и народните главешини да не се надеваат на помошта од Мисирците и Етиопјаните, бидејќи и тие наскоро ќе бидат покорени од тој истиот Сенахерим, туку да се надеваат на помошта од Севишниот Бог. И ова пророштво како и останатите се исполни до збор. Но најважни беа неговите пророштва за воплотувањето на Бога, за зачнувањето на Пресветата Дева, за Јован Предвесник и за многу настани од животот на Христос. Овој видовит маж имаше, заради чистотата на своето срце и заради ревноста кон Бога, дар на чудотворство од Бога. Така, кога опседнатиот Ерусалим страдаше од жед, тој се помоли и потече вода под гората Сион. Таа вода е наречена Силоам (пратена); и на таа вода го упати подоцна Господ слепородениот за да се измие и да прогледа. Во времето на царот Манасија, кога Исаија грмеше против незнабожечките обичаи на царот и на главешините, изедначувајќи го тогашното поколение со Содом и Гомор, против овој голем пророк се дигна гнев од народот и главешините и беше фатен, изведен надвор од Ерусалим и стружен со бичкија. Живееше и пророкуваше 700 години пред Христа.

Пренос на моштите на Свети Николај, Чудотворец Мирликиски

Пренос на моштите. Во времето на царот Алексеј Комнен и на патријархот Никола Граматик, во 1087 година телото на овој светител беше пренесено од Мир Ликиски во градот Бари во Италија. Тоа се случи заради навалата на муслиманите на Ликија. Светителот му се јави во сон на некој чесен свештеник во Бари и му заповеда неговите мошти да се пренесат во тој град. Во она време градот Бари беше православен и под православен патријарх. При преносот на моштите на Светителот се случија многу чуда, како од допирот на моштите така и од мирото коешто изобилно се лееше од нив. На овој ден уште се споменува и чудото извршено над српскиот крал Стефан Дечански, т.е. како Свети Николај му го врати видот на слепиот крал Стефан.

Тропар
Дојде денот на сесветлото торжество, градот Бари се радува, а со него и целата вселена ликува, со песни и пеења духовни, зашто денес е светото торжество, на пренесување на чесните и многуцелебни мошти на светителот и чудотворец Никола, кој засветли како сонце незаодно со светлозарни зраци, растерувајќи го мракот на искушенија и неволји од оние што со вера повикуваат: Спасувај н?, како наш застапник, велик Никола.

Кондак
Твоите мошти, светителу Никола, излегоа како ѕвезда од исток до запад; морето се освети со твоето патување, и градот Бари прима благодат преку тебе, оти заради нас се јави како извонреден, препрекрасен и милостив чудотворец.

Светиот маченик Христифор

Голем чудотворец. Особено почитуван во Шпанија. Нему народот најмногу му се моли против заразни болести и разни помори. Намачен за Христа и прославен од Него во 249 година.