Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 20/05/2020

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Спомен на јавувањето на Чесниот Крст во Ерусалим

Во времето на царот Констанс, синот на Свети Константин, кога беше патријарх Кирил Ерусалимски, во девет часот наутро над Голгота се појави Чесниот Крст и се простираше до небото над Елеонската Гора. Тој Крст беше посветол од сонцето и поубав од најубавото виножито. Сиот народ, и верните и неверните, ги оставија своите работи и во страв и со восхит гледаа во небесниот знак. Мнозина неверници се обратија во верата Христова, а исто така и многумина еретици аријанци ја оставија својата злобна ерес и се вратија во Православието. За овој знак патријархот Кирил му пиша на царот Констанс, којшто и самиот клонеше кон аријанството. Тоа се случи на 7 мај 357 година. И во таа прилика се покажа дека христијанската вера не е во светските мудрувања според телесниот човечки разум, туку во силата Божја, објавена преку чуда и знаци многубројни.

Светиот маченик Акакиј

Овој светител беше римски офицер при царот Максимијан. Одговарајќи на суд за својата вера во Христа, тој рече дека таа благочестива вера ја наследил од родителите и дека во неа се утврдил гледајќи ги многубројните чудесни исцеленија од моштите на христијанските светители. После големи маки претрпени храбро во тракискиот град Пиринт, Акакиј беше спроведен во Византија, каде издржа нови маки, додека најпосле не го убија со меч. Чесно пострада и се пресели во царството на вечната радост во 303 година.

Преподобните отци грузиски

Во 4 век, а двесте години откако Света Нина го проповедаше Евангелието во Грузија, му се јави Пресветата Мајка Божја на Јован, подвижник антиохиски, и му нареди да избере дванаесетмина од своите ученици и да отиде во Грузија за да ја утврди православната вера. Јован така и направи. Кога дојдоа во Грузија, овие дванаесет мисионери беа свечено дочекани од кнезот на таа земја и од католикосот Евлалиј и веднаш со ревност ја започнаа својата работа. Народот притекнуваше околу нив во толпи и тие го утврдуваа во верата со голема мудрост и многубројни чуда. Началник на сите овие христољубиви мисионери им беше Свети Јован Зедазниски. А нивните имиња се: Авид, Антониј, Давид, Зинон, Тадеј, Иса, Издериос, Јосиф, Михаил, Пир, Стефан и Шијо. Со апостолска ревност сите тие ја утврдуваа Христовата вера во Грузија, основаа многу манастири и оставија зад себе многубројни ученици. Така се удостоија со слава на небесата и со сила на земјата.