Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 01/05/2022

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Преподобен Јован

Ученик на Св. Григориј Декаполит. Во времето на иконоборната ерес царот Лав Ерменин го подложи Св. Јован на маки заедно со неговиот учител Григориј и со Св. Јосиф Песнописец. Кога Св. Григориј го заврши својот земен живот, Јован стана игумен на Декаполитовиот манастир во Цариград. Штом стана игумен, заради Царството Божјо тој го удвои својот подвиг. Се упокои мирно околу 820 година. По смртта Св. Јосиф го погреба близу до гробот на неговиот учител Св. Григориј.

Тропар
Блажен си ти, Јоване преподобен, радост на великиот Григориј – твојот учител, смирен по срце, сотрудник на Јосиф, славејот на Духот Пресвет. Црквата ликува денес при споменот на животот твој свет, кој е радост на ангелите, посрамување на демоните, а за нас по твоите молитви – пат кон спасение.

Светиот маченик Јован Нови Јанински

Родум од Јанина, некогаш престолнина на царот Пир. Кога неговите сиромашни родители умреа, младиот Јован се пресели во Цариград и таму го продолжи својот занает (бидејќи беше занаетчија). Не многу пред тоа Турците го освоија Цариград и многумина христијани од страв се одрекоа од Христа и примија ислам. Продавницата на Св. Јован беше токму меѓу овие потурци. Колку што повеќе тој гореше од љубов кон Господ Христос толку посилно се изразуваше како христијанин меѓу предавниците на Христа. И почна да се препира со нив за верата, а најпосле и да ги укорува за предавството. Тие тогаш го одвлекоа на суд и лажно го обвинија дека божем порано го примил исламот, но повторно се вратил во христијанството. Откако го мачеа и биеја со стапови и со железни шипки, го фрлија в затвор. Другиот ден, беше Велигден, повторно го поведоа на мачење, а Јован излезе радосно пеејќи: „Христос воскресна од мртвите!“ На своите мачители храбро им рече: „Правете што сакате за поскоро да ме испратите од овој краткотраен земен живот во животот вечен: јас сум роб Христов, Христа Го следам, за Христа умирам, за да живеам со Него!“ По ова го врзаа во синџири и го одведоа да го запалат. Кога го виде големиот оган подготвен за него, Свети Јован самиот потрча и скокна во пламенот. А неговите мачители штом видоа како скока и колку ја сака смртта, го извлекоа од огнот и го осудија на смрт со меч. Откако му ја отсекоа главата, ги фрлија и телото и главата во огнот. Подоцна христијаните ја растргнаа пепелта и собраа некои остатоци од неговите чесни и чудотворни мошти и го погребаа во Великата Црква во Цариград. Свети Јован Јанински најде маченичка смрт и прими венец на Божествена слава на 18 април 1526 година.

Тропар
Благодатта Христова ја следеше ревноста твоја о Јоване, и те закрепнуваше како јагне меѓу волци испратено, каде Бога Го исповедаше молејќи се вистината да го победи светот. Тебе денес те молиме пред Христа за нас да се застапиш, ти кој мачеништвото го прими како награда.

Светите маченици Виктор, Зотик, Зинон, Акиндин и Северијан

Сите намачени во времето на царот Диоклецијан. Додека не ги видоа маките на Светиот великомаченик Георгиј беа незнабожци. Но кога ги видоа неговите маки и храброста на славниот Христов маченик, сите чудесии што се пројавија во времето на неговото страдање, ја примија христијанската вера за којашто наскоро и самите пострадаа и се овенчаа со слава.

Свети Козма, епископ Халкидонски и преподобниот Авксентиј, неговиот соподвижник

Живееја во 9 век, во времето кога иконоборците ги гонеа приврзаниците на Православието. Козма беше родум од Константинопол, и уште од младоста беше отишол во манастир и примил монашки потстриг. Потоа тој беше ракоположен за епископ Хакидонски и ревносно ја заштитуваше православната вера од еретиците иконоборци. Преподобниот Авксентиј му беше помошник во таа борба. Иконоборците многукратно се обидуваа да го здобијат светителот на своја страна, но тој до крај му остана верен на Православието. Козма не се потчини на указот на императорот Лав Ерменец (813-820) за отстранување на светите икони од храмовите. Заради тоа беше прогонет од својата катедра и испратен во заточеништво. Кога го вратија од таму, тој заедно со преподобниот Авксентиј продолжи да го заштитува почитувањето на светите икони. Од постојаните гонења, Козма ослабе со телото, но со духот остана цврст. Светиот Козма и преподобниот Авксентиј, сe до својата кончина неотстапно ја зачуваа православната вера. Се упокоија околу 815 – 820 година.

Тропар
Благочестието стекнато низ подвижнички трудови ја привлече благодатта Божја на тебе, Козмо преподобен оче наш, и ти погледна во вечноста преку прозорецот на Иконата за чие исповедување злочестите претрпе, но сега се радуваш со светиите во небесната татковина, од каде моли се да се спасат нашите души.