Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 29/04/2021

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Велик четврток

Главно за овој значаен ден од Страдалната седмица е дека Господ тогаш ги востанови двете суштествени тајни за нашето спасение: Светата евхаристија (на Тајната вечера: „Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен“.) и Исусовата молитва („...Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (Јован 16, 23). „И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам за да се прослави Отецот во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам...“, Јован 14, 13 - 14). Со други зборови, на Велики Четврток почнува светотаинскиот живот на Црквата. Денот започна со Христовите последни поуки за карактерот на љубовта што треба да ја стекнеме ако сме Негови, Неговото смирение; се памти миењето на нозете на апостолите што го направи Сам: „Ако Јас, Господ и Учител ви ги измив нозете, тогаш сте должни и вие еден на друг да си ги миете нозете“ (Јован 13; 14). А заврши со предавството на Богочовекот Исус Христос на првосвештениците и фарисеите, извршено од Јуда Искариот, еден од бројот на Дванаесеттемина најблиски Христови ученици.

Тропар
Кога славните ученици, при миењето на нозете на Вечерата, се просветлуваа, тогаш злочестивиот Јуда, болен од среброљубие, се помрачуваше и на беззаконите судии, Тебе – праведниот судија – Те предава. Душо среброљубива, гледај каде оди да се обеси таквата душа; одврати се од среброљубието на Јуда, кој се осмели да Му направи такви работи на Својот Учител; Господи, Кој си добар за сите, Слава Ти.

Кондак
Откако предавникот зеде леб во рацете, скришно ги пружа и ја прима цената на Оној што со Свои раце го создаде човекот, и Јуда остана непоправлив слуга и измамник.

Светите маченички Агапија, Хионија и Ирина

Родени сестри од околината на Аквилеја. Кога царот Диоклецијан се бавеше во Аквилеја, нареди да го погубат прочуениот духовник Хрисогон. Во тоа време еден стар свештеник Зоил имаше видение во коешто му се откри каде се наоѓа непогребаното тело на Хрисогон. Старецот побрза, го најде телото на маченикот, го положи во ковчег и го чуваше во својот дом. Триесеттиот ден по ова му се јави Св. Хрисогон и го извести за овие маченички дека ќе пострадаат во следните девет дена, а дека и самиот ќе се престави во тоа време. Вакво известување прими во видение и Анастасија Одврзителка, која беше тргнала по својот учител Хрисогон. И навистина, по девет дена се престави и старецот Зоил, а и оние три сестри беа изведени на суд пред царот. Царот ги советуваше светите девојки да им се поклонат на идолите, но тие го одбија и ја исповедаа својата тврда вера во Христа. Света Ирина му рече на царот дека е глупаво човек да им се поклонува на предмети изработени од дрво или камен, нарачани за спогодена цена, направени од раце на смртен човек. Царот се разјари и ги фрли во затвор. Кога царот тргна за Македонија, со него ги поведоа сите негови робови и заробеници, меѓу кои и овие три светителки. Царот им ги даде на еден војвода Дулкитиј за мачење. Војводата се распали со мрачна страст и сакаше да ги оскверни девиците, но кога сакаше да влезе кај нив во затворот во времето кога беа на молитва пред Бога, тој полуде и почна да ги прегрнува и бакнува некои црни котли и лончиња што се најдоа таму и така си отиде сиот поцрнет. Кога слушна за ова, царот му нареди на еден друг војвода, Сисиниј, да го преземе судењето на трите христијанки. По тешки мачења судијата ги осуди првите две сестри на смрт во оган, а Света Ирина ја задржа уште некое време кај себе надевајќи се дека ќе може да ја оскверни. Но кога ја испрати со војници во блудилиштето, Божјите ангели ја спасија чистотата на девицата, војниците ги вратија, а нејзе ја изведоа на еден рид. Утредента војводата излезе со војниците на оној рид, но не можеа да се качат, па им нареди на војниците да ја убијат со стрели. Света Анастасија ги собра телата на едно место и чесно ги погреба. Пострадаа за Христа околу 304 година.

Светиот маченик Леонид и маченичките Хариеса, Никија, Галина, Калида, Нунехија, Василиса и Теодора

Ги фрлија в море, но морето не ги прими. Тие одеа по морето како по суво и Му пееја на Бога. Кога ги видоа незнабожците најпрво се восхитија, но потоа им врзаа камења на вратот и повторно ги фрлија во морските длабочини. Сите пострадаа за Христа во 281 година.