Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 26/04/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот свештеномаченик Артемон

Беше свештеник во Лаодикија во времето на царот Диоклецијан. За себе пред судијата мачител рече: „Се викам Артемон, роб на Христа мојот Бог; шеснаесет години бев чтец и читав книги во Црквата на мојот Бог; дваесет и осум години бев ѓакон и го читав Светото Евангелие; триесет и три години наполнив како презвитер поучувајќи ги луѓето на патот кон спасението со помош на Христос“. Судијата го воведе во храмот на Ескулап, каде што жреците негуваа големи змии посветени на тој „бог“. Сите мислеа дека змиите ќе го каснат Артемон. Но тој се прекрсти и со силата на крстот ги прикова оние змии на земја така што не можеа да мрднат. Сите ги опфати жуас. Главниот жрец на храмот, Виталиј, штом го виде ова чудо падна на колена пред Артемон и возвикна: „Голем е христијанскиот Бог!“ Него, а и неколкумина пријатели со него, Свети Артемон ги крсти. Но злочестивиот судија остана упорен и го мачеше старецот Артемон со разни маки. Еднаш сакаше да го фрли во врела смола, но самиот се оттргна од коњот и падна во неа. Па изгоре. При ова беа видени два орли како паднаа врз него, го оттргнаа од коњот и го фрлија во смолата. Свети Артемон остана слободен и извесно време одеше наоколу со двата верни елени што го придружуваа и го поучуваше народот. Но повторно го фатија и го убија во 303 година. Неговата душа се пресели во царството на Господ Христос, Кому Артемон Му послужи верно на земјата.

Тропар
О свети Артемоне свештеномачениче, Бог на човека с? му покори и над секоја творба го постави, Он истиот преку тебе волјата своја повторно ја пројави – да бидеме спасени и на рајот наследници, моли се за нас, пастиру Христов, да се преумиме и кон вечноста да поитаме.

Светиот маченик Крискент

Од градот Мир Ликиски. Чесен и славен граѓанин. Јавно ја исповеда својата вера во Христа и ги исмеа мртвите идоли. За ова незнабожците го мачеа и го изгореа во оган.

Тропар
Ревноста за Христа ја отвори устата твоја, свети Крискенте, и исповедник на верата која спасува те направи пред оние кои одат во смртна сенка. Радувај се и за нас моли се од пределите каде што Вистината царува.

Светата маченичка Томаида

Родена е во Александрија од чесни родители, научена на благочестие од малечка и во нејзината петнаесетта година венчана со чесен маж. Но нејзиниот свекор беше скверен старец и во отсуство на синот ја нападна својата снаа и сакаше да ја обесчести. Томаида се исплаши и во стравот го опоменуваше свекорот за законот Божји и се истргнуваше од неговите раце. После долга борба свекорот извади нож и ја закла снаата, па ја расече на две половини. Во тој миг го постигна ваква казна од Бога: веднаш ослепе и не можеше да ја најде вратата за да излезе оттаму, туку го затекнаа во таа одаја и го предадоа на суд којшто го осуди на смрт. Света Томаида пострада чувајќи ја заповедта за сопружничката верност и чистота. Подоцна многумина кои ги измачуваше блудната страст ? вознесуваа молитви на Света Томаида и од неа добиваа крепка помош. Големиот подвижник Данило нејзините мошти ги пренесе во Скитот и таму ги положи на гробиштата на свештеномонасите. Света Томаида пострада во 476 година.

Тропар
Духот во тебе од Бога облагодатен, ни пепел не остави согорувајќи ја страста телесна, о Томаидо, девственичке света, просејќи ги светите молитви твои, припаѓаме пред тебе за да се ослободиме од целото телесно мудрување и Бога да Го умилостивиме да ја врати нашата првобитна убавина.