Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 22/04/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот маченик Евпсихиј

Од благороден род и добро воспитан во благочестивата вера. Во времето на царот Јулијан Отстапник, кога во Кесарија со Црквата Божја управуваше Св. Василиј Велики, Евпсихиј стапи во брак со една угледна девојка. Но не му беше дадено да поживее во брак ниту еден ден. Зашто во времето на неговата свадба се погоди незнабожечкиот празник на принесување жртви на идолот Фортуна. Евпсихиј отиде со другарите и ги искрши сите идоли во храмот, па и самиот храм го разори. Кога слушна за ова царот Јулијан многу се разгневи и нареди виновниците да се убијат, многубројни христијани да се земат за војска, да им се наложи огромен данок на христијаните, на нивна сметка повторно да се изгради храмот на Фортуна, а на градот да му се одземе почесното име Кесарија (кое му го беше дал кесарот Клавдиј) и да се нарече со поранешното име Маза. Свети Евпсихиј најпрво го врзаа за дрво и страшно го мачеа, а потоа го убија во 362 година. Малку потоа свирепиот цар Јулијан патувајќи за Персија го посети овој град, а одеше во војна. Во пресрет му излезе Св. Василиј и во знак на почест и гостопримство изнесе три јачмени лебови. Царот нареди и на светителот како дар му дадоа грст сено. „Ти нам ни се подбиваш цару. Ние ти принесуваме од лебот со којшто се храниме, а ти нам ни даваш скотска храна, којашто ти со својата власт не можеш да ја претвориш во човечка“. На ова царот му одговори: „Знај дека со тоа сено ќе те хранам кога ќе се вратам од Персија!“ Но злобниот отстапник никогаш повеќе не се врати жив од Персија, зашто загина со заслужена и неприродна смрт.

Преподобниот маченик Вадим

За време на персискиот цар Сапор, игуменот на еден манастир, Вадим, маж исполнет со благочестие, беше фрлен во затвор заедно со седуммина свои ученици. Во затворот со нив беше и еден кнез христијанин, Нирсан. Секој ден ги изведуваа и ги тепаа. Се уплаши кнезот Нирсан и вети дека ќе ја напушти верата и ќе му се поклони на сонцето. Ова му беше угодно на Сапор и тој му вети на Нирсан дека меѓу другото ќе му го даде и сиот имот на Вадимовиот манастир, ако тој се согласи со своја рака да го убие Вадим. Нирсан се согласи и на тоа. Раката му се тресеше од страв пред достоинственото лице на Свети Вадим и тој удираше многупати по вратот на светиот игумен дури не го обезглави. Но наскоро по ова падна во очајание и самиот себеси се прободе со меч, примајќи казна од своја рака зашто уби праведник. Свети Вадим пострада во 367 година.

Света Тамара Грузиска

Светата благоверна царица на Грузија, Тамара Велика, родена е околу 1165 година. Потекнувала од древната грузиска династија Багратиди, а од 1178 година била совладарка со својот татко Георгиј III. Времето на царувањето на света Тамара е познато како златен век во грузиската историја. Царицата се одликувала со високо благочестие и продолжувајќи го започнатото дело на својот дедо, светиот благоверен цар Давид III Возобновител, се потрудила за распространување на Христовата вера по цела Грузија, и изградила многу цркви и манастири. Во 1204 година, управникот на Румскиот султанат Рукн ед Дин се обратил до царицата Тамара со барање Грузија да се откаже од христијанството и да го прифати исламот за државна религија. Царицата го отфрлила ова барање и во историската битка во близина на Басијана, грузиската војска ја разбила коалицијата на иноверните сили. Мудрото управување на благоверната царица Тамара предизвикало сенародна љубов и почит кон неа. Последните години од животот ги поминала во пештерниот манастир Варѕиа. Тука царицата имала своја ќелија, која била претворена во мала црквичка, во која таа постојано вознесувала молитви кон Бог. Светата царица Тамара мирно се упокоила во Бог во 1213 година и била вброена кон хорот на светите. Нејзиниот спомен Православната црква го празнува двапати: на 14 мај – денот на нејзиното упокојување и во Неделата на жените Мироносици.