Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 21/04/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светите апостоли Иродион, Руф, Асинкрит, Флегонт и Ермиј

Сите беа од Седумдесеттемина апостоли. Св. апостол Павле ги спомнува во своите Посланија. „Поздравете го“, им пишува Павле на Римјаните, „мојот роднина Иродион“ (16, 11). Иродион пострада од Евреите многу како епископ Неопатарски; го биеја со стапови по главите, со камења по усните, го бодеа со ножови. И кога го оставија како мртов, Свети Иродион стана и продолжи да им служи на апостолите. Во Рим му помагаше на Св. апостол Петар. Го убија заедно со многумина други христијани истиот ден кога беше распнат Петар. Свети Агав имаше пророчки дух. Во Делата Апостолски се спомнуваат неговите две пророштва. Прво, прорече голем глад по сиот свет, кое и се случи во времето на кесарот Клавдиј. И второ, кога во Кесарија се сретна со апостолот Павле којшто одеше за Ерусалим, Агав го зеде Павловиот појас, си ги врза себеси рацете и нозете, велејќи: „Вака вели Светиот Дух: човекот чијшто појас е ова вака ќе го врзат во Ерусалим Евреите“ (Дела 21, 11). Свети Руф беше епископ во Тива Јудејска. И него го спомнува апостолот Павле: „Поздравете го Руф, избраниот во Господ“ (Рим. 16, 13). Беше епископ во Ирканија азиска. Свети Флегонт, кој се спомнува на истото место, беше епископ во тракискиот град Маратон. Свети Ермиј спомнат со останатите, беше епископ во Далмација. Сите тие како пчели Христови го разнесуваа медот на Евангелието по разни краишта, страдајќи многу за љубовта Христова. Сите се преселија во вечното царство на љубениот Христос.

Свети Нифонт, епископ Новгородски

Се одликуваше со голема ревност во изградбата и поправката на црковните храмови и со голема храброст во спротиставувањето на силните кнезови. Тринаесет дена пред смртта му се јави Св. Теодосиј и му ја навести близината на неговото преминување во оној свет. Се упокои во 1156 година.

Свети Келестин, папа Римски

Голем ревнител на православната вера. За време на Третиот Вселенски Собор напиша послание против еретикот Несториј. Се упокои мирно во 432 година.