Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 09/04/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Воскресение Христово (втор ден)

Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа. За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие н? поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.

Светата маченичка Матрона

Како сиромашна девојка беше слугинка во куќата на еден Евреин во Солун. Жената на Евреинот постојано ѝ се потсмеваше за нејзината вера во Христа и ја наговараше да се одрече од Него, а да оди во синагогата. Но кротката Матрона ништо не ѝ одговараше на својата госпоѓа, а тајно Му се молеше на Господ Христос. Еднаш Еврејката дозна дека кришум од неа Матрона отишла в црква, па сета во гнев ја запраша зошто не отишла во синагогата туку в црква. Матрона ѝ одговори: „Затоа што во христијанската црква живее Бог, а од еврејската синагога Он отстапи“. Бесна заради овој мажествен одговор Еврејката ја натепа и ја затвори во една темна одаја, а уште и ја врза. Но утредента ја најде одврзана со Божјата сила како клечи на молитва и Го фали Бога. По ова уште на двапати Еврејката ја затвараше и ја мореше со глад додека слугинката не ја испушти душата. Тогаш нечестивата жена го зеде телото на Светата девојка и од високо од нејзината куќа го фрли на земја. Христијаните го зедоа телото и чесно го погребаа, а кога епископот Александар ги дозна многубројните чуда на Светата маченичка, на нејзиниот гроб подигна црква. Злобната Еврејка наскоро ја постигна праведна казна: од истото место на куќата од коешто го фрли долу телото на Св. Матрона, таа се лизна, падна на калдрмата и намртво се разби.

Преподобен Јован Проѕорлив

До неговата дваесет и петта година беше дрводелец, а потоа гонет од неодоллива желба за постојана молитва се оддалечи во пустина и таму поживеа до својата смрт, т.е. до деведесеттата година. Телесен но како бестелесен. Проѕираше во срцето на секој човек што ќе му се приближеше и можеше да му го погоди и името и неговата желба и мисла. На царот Теодосиј му го прорекуваше исходот на битките; им прорекуваше на војводите, монасите и на секого којшто имаше потреба да дознае што се крие во темнината на идните денови за него. Еден кнез го молеше да ја прими неговата жена, која особено сакаше да го види. Светителот не сакаше да ѝ удоволи на празната љубопитност, туку во сон ѝ се јави на кнегињата таков каков што е. Кога жената му го опиша на мажот нејзиното видение, тој ѝ потврди дека ликот на Светителот е навистина таков. Своите посетители ги поучуваше за смирението како за основна добродетел, секогаш наведувајќи примери од животот како многубројни возвишени карактери гордоста ги урнала во прав, а ги навела на тешки гревови. Самиот издржа големи напади од демоните. Еднаш му се јави сатаната со множество демони во вид на сјајни ангели. Тие го гонеа да му се поклони на сатаната, мамејќи дека тоа е Христос. А светителот мудро им одговори: „На Царот мој Исус Христос јас Му се поклонувам секој ден; да беше ова Тој немаше од мене особено да бара токму сега да Му се поклонам“. По овие зборови целата зла сила исчезна како чад. Св. Јован Проѕорлив се упокои мирно коленичејќи на молитва, во неговата деведесетта година.

Преподобен Пафнутиј

Ученик на Св. Антониј Велики. Со светоста на животот многумина ги обрати на патот на покајанието. Една од нив е и Св. Таиса (под 8 октомври). Повеќе личеше на бестелесен ангел одошто на телесен човек. Се упокои на крајот од 4 век.

Света Лидија Македонска

Света Лидија е родена во Тијатир (денешен Ак-Хисар), во Мала Азија, во првиот век. А во она време градот Тијатир беше познат по бојаџилниците. Па и оваа богобојазлива Лидија, како што се нарекува во Делата Апостолски (16, 14), беше продавачка на пурпурни ткаенини и бои кога стана прв човек во Филипи, во Македонија (па и во Европа), кого светиот апостол Павле го обрати во верата. За своето доаѓање во Македонија првиот проповедник на Евангелието за незнабожците беше поттикнат од Светиот Дух во видение. Бидејќи, кога апостолот и браќата што беа со него дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија, но Духот не ги пушти. И кога ја напуштија Мизија, слегоа во Троада. Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’ ... (Дела 16, 7 – 9). Надвор од градот Филипи при една река, сведочат апостолите во Делата Апостолски, беше едно место каде што доаѓаа од градот оние што имаа обичај да се молат. Меѓу таму насобраните жени Господ ? го отвори срцето на богобојазливата Лидија да внимава на зборовите Павлови. А кога се крсти таа и целиот нејзин дом, ги молеше кај неа да живеат Павле и оние што го придружуваа (апостолите Сила и Тимотеј), велејќи: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа.” (Дела 16, 15). Семејството на Света Лидија и домот на затворскиот стражар пред кого, по молитвите на светите апостоли Павле и Сила, се изврши чудото на отворањето на затворот во Филипи (Дела 16, 26), се првите никулци на Христовата Црква на македонска почва, која оттогаш, по молитвите на апостолите и на оние што по нивните зборови се обраќаа во Христовата благодат, низ многу страдања и искушенија со векови расне и принесува изобилен плод по сите македонски краишта.