Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 07/04/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Велика Сабота

Од времето на страдањето на Господ Христос на крст на Голгота, секоја Велика сабота е исполнета со исчекување на благодатта на Неговото Воскресение. Смртта на Господ веќе ги воскреснала упокоените праведници во Ерусалим кои им се јавиле на мнозина, а први што трепереле пред можноста да се објави како воскреснат биле непријателите Негови (првосвештениците и фарисеите што побарале да биде убиен). Побарана е стража од римски војници да Му го чува телото. Сепак, Он како оној што невино и неправедно а Божествен претрпел понижувања, страдања и смрт на крст, незадржливо воскреснал. Смртта и пеколот (демоните) не нашле начин да воспостават власт над Таквиот. Воскреснатиот Господ им се јавил на Своите ученици онака како што сведочат Неговите апостоли и евангелисти. Долгиот богослужбен ден на Велика Сабота завршува длабоко во ноќта со бдението пред Пасха. А на живоносниот Гроб Господов во Ерусалим се празнува Светиот оган. Овој оган од Светиот гроб се пренесува по Светата Земја и ги осветлува сите домови. На денот на великата новозаветна жртва Сонцето на правдата – Христос, го разгорува Светиот оган. Овој празник е востановен со чудото во времето на патријархот Наркисос, кога во недостиг од масло кандилата биле налеани со вода и запалени од оган кој чудесно слегол од небото и за време на пасхалната служба горел како под масло. Древните христијански сведоштва говорат дека незгасливиот оган се чува на Светиот гроб од раните времиња на христијанството. На бдението пред Пасха (Воскресение) во Црквите ширум Православието Епископот, бидејќи е на местото и во образот Христов, самиот ги благословува и ги пали кандилата, а сите други земаат светлина од неговата свеќа.

Благовештение

Кога Пресветата Дева наврши единаесет години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и четиринаест од раѓањето - значи кога стапи во петнаесеттата година од животот - свештениците ѝ соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници. Изјави дека Таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого. По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на Св. Јован Крстител, се договори со другите свештеници, па собраа дванаесет безжени луѓе од Давидовото племе за да пронајдат еден на кого што би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува Нејзината девственост и ќе се грижи за Неа. Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто ѝ беше роднина. Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие. Од дома не излегуваше речиси никогаш ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кого било и никогаш без особена потреба. Најчесто општеше со ќерките на Јосиф. Но кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева ѝ се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг Таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил ѝ се јави во архангелска светлина и ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!“ И с ѐ друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. А историјата на Новиот Завет значи радост за човештвото и за сета твар.

Светите маченички Пелагија, Теодосија и Дула

Овие три свети жени пострадаа за Господ. Пелагија и Теодосија прво трпеа во затвор и под маки, а потоа ги убија. Св. Дула, која беше слугинка, пострада и умре во Никомидија.

Преподобен Сава Нов Атински

Преподобен Сава Нов Атински (Калимноски) бил голем подвижник, исповедник, иконописец, Старец и чудотворец. Свети Сава (световно име Василиј) се родил во 1862 година во населбата Ираклица, област во Источна Тракија. Уште од раното детство се одликувал со длабока вера и љубов кон Црквата. Како млад избегал од дома и заминал во каливата на Успението на Пресвета Богородица во светогорскиот скит на светата и праведна Ана. По дванаесет години подвижнички живот на Света Гора, Сава отишол на поклонение во Ерусалим, поклонувајќи се на светите места, а примил потстриг во манастирот на свети Георгиј Хозевит во 1890 година. Во 1894 година, игуменот на обителта благословил да се врати на Света Гора за восовршување во иконописот и изучување на византиската црковна музика. Во 1897 година, Сава се вратил во Ерусалим, каде останал до 1916 година. Во 1902 година бил ракоположен за ѓакон, а наредната година бил ракоположен во свештеник. По три години повторно се повлекол во скитот на Хозевитската обител, каде живеел строг подвижнички живот. Единствените негови занимања биле молитвата и иконописот. Јадел пченични зрна натопени во вода, не повеќе од еднаш во денот, и пиел по малку вода од реката. Поради здравствени причини, во 1916 година светиот се вратил во Грција. Откако три години патувал низ земјата, барајќи место каде ќе се подвизува, а не можејќи да најде, конечно неговите молитви биле услишани од еден друг светител, свети Нектариј Егински. Во 1926 година се преселил во манастирот на Сите Светии на островот Калимнос, каде ги поминал своите последни години како свештеник и духовник. Кога се молел, наоколу се ширело неискажливо благоухание, кое ја исполнувало црквата и ќелијата. На 25 март/7 април 1948 година се упокоил во Господ. Споменот на свети Сава се празнува во петтата недела од Великиот Пост. Тој е небесен покровител на островот Калимнос.