Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 01/04/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници

Кога Царот, седејќи на осле, влегол во Ерусалим, сите луѓе – деца, возрасни, старци, простирајќи ја својата облека и со палмови гранчиња во рацете, кои се симбол на победата, брзо Го пресретнале, како Животодавец и Оној Кој ја победил смртта. Паднале на колена пред Него и потоа оделе по Него, не само на влезот од градот, туку и во самото свето место, гласно пеејќи: „Осана на Синот Давидов! Осана во висините!“ Пофалната песна „Осана“ се вознесува бидејќи во превод значи „Слава“. Додавајќи „во висините“, покажале дека Тој се прославува со песна не само на земјата и не само од луѓето, туку и од ангелите на небото. Значи, како деца, посетени од Светиот Дух, тие на Господ Му принеле совршена и потполна химна, сведочејќи дека Тој, како Бог, го оживеа четиридневниот мртовец Лазар... Како што во Исус Христос, како што кажува Божјиот апостол, нема ни машки ни женски пол, ни Елин ни Јудеец, туку сите се едно, така во Него нема ни кнез ни потчинет, туку сите ние преку верата во Него и Неговата благодат сме едно. Наоѓајќи се во Неговото Тело, во Црквата, ние имаме една Глава – Него; благодатта на Светиот Дух соединува само во еден дух; сите сме примиле едно крштение и сите имаме една надеж; и еден е нашиот Бог, над сите и преку сите, и во сите нас. Значи, да се љубиме еден со друг, да се трудиме еден за друг, бидејќи сме соединети едни со други. Знакот според кој н? познаваат дека сме Негови ученици е љубовта, и тоа е Татковото наследство, кое Тој ни го остави заминувајќи од овој свет. И последниот совет што ни го даде при заминувањето кај Својот Отец ја утврди нашата меѓусебна љубов. Свети Григориј Палама

Светите маченици Хрисант и Дарија и другите со нив

Хрисант беше единец син на еден велик бојарин Полемиј, којшто од Александрија се беше преселил во Рим. Како син на богати родители Хрисант ги изучи разните светски школи, а ги имаше за учители најучените луѓе. Но светската мудрост го збуни и го остави во неизвесност околу прашањето што е вистина. И тој тагуваше заради ова. А Бог Кој промислува за сите и за с ѐ ја ублажи неговата тага: до рацете на младичот Хрисант дојдоа Евангелието и Делата Апостолски. Кога ги прочита се просветли со Вистината. Бараше учител и го најде во лицето на еден свештеник Карпофор, којшто го поучи и го крсти. Ова не му се допадна на Хрисантовиот татко, кој презеде с ѐ за да го одврати од Христовата вера. Откако не успеа, злобниот татко најпрво се обиде да го разврати и го затвори младиот човек сам со бесрамни девојки. Хрисант се победи самиот себеси во ова и се одржа во чистота. Тогаш татко му го присили да се ожени со незнабожечката девојка Дарија. Хрисант ја поучи Дарија и таа ја прими Христовата вера и живееја заедно како брат и сестра, во привиден брак. Кога умре татко му, Хрисант почна слободно да Го исповеда Христа и да живее според Неговите заповеди, тој и сиот негов дом. Во времето на царот Нумеријан тој и Дарија беа страшно мачени за верата. Но и самиот мачител Клавдиј, којшто го виде трпението на овие маченици и чудата што се пројавија при нивното мачење, ја прими Христовата вера заедно со целиот свој дом. Зато и него го потопија во вода, обајцата синови му ги заклаа, а жена му откако се помоли на губилиштето издивна. Дарија беше толку истрајна во маките што незнабожците викаа: „Дарија е божица!“ Најпосле Хрисант и Дарија беа каменувани во еден длабок ров. На тоа место подоцна беше подигната црква. Близу ровот имаше една пештера во која еднаш христијаните се собраа на литургија во спомен на Светите маченици Хрисант и Дарија. Кога дознаа за ова незнабожците навалија и ја затворија пештерата, во која ги натераа во смрт дојдените христијани, а тие со ова се преселија во блажениот живот. Славните маченици Хрисант и Дарија и останатите што загинаа со нив, меѓу нив беше и еден свештеник Диодор и ѓаконот Маријан, пострадаа за Христа во Рим, во 283 и 284 година.

Светиот маченик Панхариј

Родум од Вилапата во Германија. Беше висок чиновник на дворецот на царевите Диоклецијан и Максимијан. Прво се одрече од Христа, но посоветуван од мајка му и од сестра му, се врати во верата и загина за неа во 302 година.