Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 31/03/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

За постот
Светата причест
За исповедта
За духовниот отец

Св. Великомаченици Георгиј, Димитриј и Меркуриј
Св. Великомаченици Георгиј, Димитриј и Меркуриј

Православен календар
за овој месец

Пребарување:


Свети Кирил, архиепископ Ерусалимски

Роден е во Ерусалим во времето на Константин Велики, а умре во времето на Теодосиј Велики (315 г. – 386 г.). Во 346 година го посветија за свештеник, а во 350 г. го наследи на престолот блажениот ерусалимски патријарх Максим. Трипати го симнуваа од престолот и го испраќаа во прогонство, додека најпосле во времето на Теодосиј не го вратија, па проживеа мирно уште осум години и Му ја предаде душата на Господ. Тој имаше две тешки борби: од една страна со аријанците кои се засилија во времето на Константиновиот син Констанциј, а од друга во времето на Јулијан Отстапник, со самиот цар отпадник од верата и со Евреите. Во времето на силата на аријанците на денот на Педесетница се јави знакот на Крстот, посветол од сонце, се простираше над Ерусалим и над Елеонската Гора. Ова траеше неколку часа, а почна во девет наутро. За оваа појава што ја видоа сите жители на Ерусалим му пишаа и на царот Констанциј и тоа на мнозина им послужи за утврдување во Православието, а против ереста. Во времето на Отстапник се случи друг знак. За да го понижи христијанството Јулијан ги наговори Евреите да го обноват Соломоновиот храм. Св. Кирил Му се молеше на Бога тоа да не стане. И имаше страшен земјотрес којшто урна с ? што беше обновено на храмот. Тогаш Евреите почнаа одново да градат. Но повторно фати земјотрес и го урна не само новоизграденото туку и старите камења кои уште се држеа под земјата. Така се обвистини зборот Господов: „ни камен на камен овде нема да остане“. Од многубројните списи на овој Свет отец зачувана е само неговата „Катихетика“, првокласно дело што ја потврдува верата и праксата на Православието до денешен ден. Овој светител беше необичен архипастир и голем подвижник. Се одликуваше со смирение и кротост, а сиот беше испостен и блед во ликот. После многуплодниот живот во подвиг и витештво за верата во Христа, мирно се упокои во Господ.

Тропар
О Кириле оче свети, над тебе многупати прогонството Петрово се исполни, но ти смирено твоето послушание го изврши, верата чиста ја запази, вдовици заштитуваше, сираци вдомуваше, народ поучуваше, и кон Спасителот нивните души ги приведуваше. Моли се за нас, учителу свет, кој првите чекори на секој христијанин со елеј ги зали.

Свети Анин Чудотворец

Родум од Халкидон. Според растот малечок како Закхеј, но со духот и во верата голем. Во петнаесеттата година се одрече од светот и се насели во една визба во близина на реката Еуфрат и таму принесуваше покајание и молитви најпрво при својот учител Мајум, а по неговата смрт сам. Со силата на својата молитва еден сув бунар го наполни со вода и исцелуваше болни од разни болести и маки и ги скротуваше ѕверовите. Еден скротен лав постојано живееше кај него во послушание. Имаше дар на проѕорливост на далечина. Кога еден столпник кој живееше недалеку од него го нападнаа разбојници и толку го изнатепаа што овој намисли да слезе од столбот и да оди да ги обвини кај судиите, Свети Анин проѕре во неговата душа и ја виде намерата, па по својот лав му испрати писмо во кое го молеше да ја остави, да им прости на напаѓачите и да си го продолжи подвигот. Беше неискажливо милосрден. Епископот Неокесариски му подари едно магаре за да му го олесни носењето вода од реката, но тој му го подари магарето на еден сиромав којшто му се пожали на својата сиромаштија. Епископот му даде друго магаре, но тој и тоа го подари. Тогаш епископот му даде трето магаре но само на заем, како водоносец, со тоа што би морал да го чува и да му го врати. Пред својата смрт овој светител виде како му доаѓаат Мојсеј, Арон и Ор, кои го повикаа: „Анине, Господ те вика, стани и појди со нас!“ Им го откри ова на учениците и Му го предаде својот дух на Бога. Се упокои на возраст од 110 години.

Тропар
Подвигот твој, свети Анине, не остана нем сведок за твојата љубов кон Бога, туку Вистинскиот, благодатен извор на исцеленија те направи, лекувајќи ги сите од мноштво тегоби, и бесловесните кон тебе итаа, привлечени од силата Господова кој во тебе дишеше. За нас моли се, старче свети преподобен, да се напоиме од водата жива небесна, која катадневно Спасителот на тебе ја лееше.