Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 29/03/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот апостол Аристовул

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Брат на Св. апостол Варнава. Родно место му е островот Кипар. Следбеник на Св. апостол Павле, којшто во Посланието до Римјаните и го спомнува (16, 10). Кога великиот Павле поставуваше многубројни епископи за разни краеви на светот, тогаш го постави и Аристовул за епископ британски (англиски). Во она време народите во Британија беа диви, неверни и сурови, а Аристовул од нив претрпе неискажливи маки, беди и пакости. Безмилосно го биеја, го влечеа по улиците, му се подбиваа и го исмеваа. На крајот со силата на Божествената благодат овој свет маж постигна успех. Ги просвети овие народи, ги крсти во името на Господ Христос, изгради таму цркви, посвети свештеници и ѓакони и најпосле мирно се упокои во Господ и појде во Неговото Царство.

Светиот маченик Савин

Мисирец од градот Хермопол и хермополски старешина. За време на едно гонење на христијаните се оддалечи во една планина заедно со многумина христијани и се затвори во една колиба во која времето го минуваше во пост и молитва. Но просјакот којшто му носеше храна, а на кого Савин му имаше направено многу добрини, за два златника го поткажа. Беа фатени Савин и уште шестмина. Војниците ги врзаа и ги потераа на суд. После големи маки го фрлија во реката Нил и таму Му го предаде својот дух на Бога во 287 година.

Светите свештеномаченици Трофин и Тал

Браќа по тело, од Сирија. Јавно и слободно Го проповедаа Христа и го изобличуваа елинското и римското безумство. Разјарените незнабожци решија да ги убијат со камења, но кога ги фрлаа камењата по нив, тие им се враќаа на напаѓачите, а браќата останаа неповредени. По ова обајцата ги распнаа на крст. Висејќи на крстовите браќата ги поучуваа и ги храбреа христијаните што стоеја наоколу нажалени. После маките Му го предадоа својот дух на Господ, Кому верно Му служеа. Пострадаа чесно во 300 година во градот Вофор.