Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 22/03/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светите четириесет маченици во Севастија

Сите овие беа војници во римската војска, но тврдо веруваа во Господ Исус. Кога настана гонење во времето на Ликиниј, ги изведоа на суд пред војводата, а тој им се закани дека ќе им ја одземе војничката чест. На ова еден од нив, Свети Кандид, одговори: „Не само војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос“. По ова војводата им нареди на слугите да ги каменуваат овие светии. Но кога слугите фрлаа по нив камења, камењата се враќаа сами и паѓаа врз тие што ги фрлаа, па луто ги изудираа. Еден камен му падна на војводата в лице и му ги скрши забите. Мачителите, лути како ѕверови, ги врзаа светиите и ги фрлија во тамошното езеро и поставија наоколу стражари за ниеден да не излезе од водата. Имаше силен мраз, езерото мрзнеше околу телата на мачениците. За да бидат маките посилни, мачителите загрејаа и осветлија бања покрај езерото близу до страдалците, за тие гледајќи ја некако да се подлажат и да се одречат од Христа, а да ги признаат римските идоли. И навистина, еден се опрелести, излезе од водата и влезе во топлата бања. Но ноќта падна една необична светлина од небото, па ја загреа водата во езерото и телата на мачениците, а со оваа светлина од небото се спуштија триесет и девет венци врз нивните глави. Ова го виде еден од стражарите на брегот, па се соблече, го исповеда името на Господ Исус Христос и влезе во езерото за самиот да се удостои со четириесеттиот венец на предавникот. Врз него навистина слезе тој последен венец. Утредента сиот град се изненади кога ги виде мачениците живи. Тогаш злобните судии наредија и ги претепаа, а телата им ги фрлија во водата за да не ги земат христијаните. На третиот ден Светите маченици му се јавија на тамошниот епископ Петар и го повикаа да ги собере од водата и да ги извади нивните мошти. Епископот излезе ноќе по темнина заедно со својот клир и по водата видоа како светат моштите на мачениците. И секоја коска што беше одвоена од нивните тела исплива на површината и светеше како свеќа. Ги погребаа чесно. Нивните души отидоа кај Господ Исус, намачен за сите нас и воскреснат со слава. Чесно пострадаа и стекнаа непропадлива слава во 320 година.

Преподобен Филор Исповедник

Живееше и се подвизуваше во Галатија во 4 век. За него велат дека бил толку совршен во добродетелите, што повеќе личел на ангел одошто на човек. Особено е прочуен по неговото трпение. Бил гонет од царот Јулијан Отстапник и многу страдал за Христа. Но по смртта на овој христогонител Св. Филор поживеа мирно, за полза на многумина. Се упокои во осумдесеттата година од животот.

Светите славни Четириесет битолски преподобномаченици

...

Свети Кесариј

Брат на Св. Григориј Богослов. Беше богословски писател. Меѓу другото се трудеше да одговори на прашањето колку време Адам и Ева поминаа во Рајот пред изгонувањето. Некои го определуваа тоа време на шест часа, други на дваесет и четири часа, трети на три дена. Свети Кесариј мислеше дека тоа траело четириесет дена. „Заради тоа“, вели тој, „и Господ постеше во пустината четириесет дена и за тоа време беше искушуван од ѓаволот. И додека стариот Адам не можеше да им одолее на ѓаволските искушенија сред рајското изобилие, Новиот Адам витешки им одолеа среде гладната и жедна пустина“.