Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 18/03/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот маченик Конон Исавриски

Во Христовата вера беше поучен и крстен во името на Пресвета Троица од самиот Архангел Михаил. Овој Божји Архистратиг го придружуваше сѐ до неговата маченичка смрт. Бидејќи беше просветлен и зајакнат од благодатта на Светиот Дух, срцето не го влечеше за ништо од светот но само кон духовното и небесното. Кога родителите насилно го оженија, првата вечер тој зеде свеќа, ја стави под поклопец и ѝ рече на својата жена: „Што е подобро, светлината или темнината?“ Таа рече: „Светлината“. Тогаш тој почна да ѝ зборува за верата во Христа и за духовниот живот како подобар и поубав од телесниот. Вака успеа и нејзе, а потоа и своите родители да ги приведе кон Христовата вера. Па тој и жена му живееја како брат и сестра. Набрзо му умреа родителите и жената, а тој наполно се повлече од светскиот живот и се предаде на молитва, пост и богомислие. Изврши големи чуда со кои мнозина ги обрати кон христијанство. Меѓу другото, ги принуди злите духови да му служат. При едно гонење беше фатен и мачен и сиот го избодија со ножеви. Со неговата крв се мачкаа болните и се исцелуваа. По ова поживеа уште две години во својот град и се престави кај Господ. Овој прекрасен светител живееше и пострада во 2 век.

Светиот маченик Конон Градинарот

Родум од Назарет. Беше благ и незлоблив и во с ѐ угоден на Бога. Во времето на Декиевото гонење го мачеа за Христа. Но тој остана цврст во верата, а незнабожечките судии остро ги изобличи за нивното безумство. Со клинци во нозете, врзан за колата на кнезот, овој кроток и незлоблив светител го влечкаа с ѐ додека не изнемоште и падна. Тогаш за последен пат Му се помоли на Бога и Му го предаде својот дух во 251 година.

Преподобен Исихиј Постник

Роден е близу Бруса во 8 век. Но се оддалечи во една гора наречена Мајонис, злогласна заради демонските привиденија. Таму си направи себеси колиба и една црквичка во чест на Св. апостол Андреј. Самиот ја загради градината и ја обработуваше за да може да живее од својот труд. Со својата молитва твореше големи чуда. Прорече дека после неговата смрт на тоа место ќе биде устроен женски манастир. Еден месец пред смртта го провиде денот и мигот кога ќе се упокои. На полноќ во проречениот ден луѓето ја видоа неговата колиба огреана од необична светлина. И кога дојдоа го најдоа мртов. Го погребаа во црквата на Св. Андреј, а подоцна Теофилакт, амасискиот епископ, го пренесе во градот Амасија. Се упокои мирно и се пресели во Царството на својот Господ во 790 година.

Преподобен Марко Подвижник

Аскет и чудотворец. Замонашен од својот учител Св. Јован Златоуст во четириесеттата година од животот, Марко помина уште шеесет години во Нитриската пустина во пост, молитва и пишување на духополезни книги. Целото Свето Писмо го знаеше наизуст. Беше многу милостив и плачеше над бедата на секое Божјо создание. Еднаш плачејќи Му се помоли на Бога за слепото малечко на една хиена и тоа прогледа. Од благодарност хиената мајка му донесе една овновска кожа. Но светителот ѝ забрани на хиената во иднина да ги коле овците на кутрите луѓе. Причест примаше од раце на ангели. Неговите беседи за духовниот закон, за покајанието, за трезвеноумието итн. спаѓаат во првокласната црковна книжевност, нив ги фалеше и возвишениот патријарх Фотиј.