Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 15/03/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот свештеномаченик Теодот

Епископ Кириниски на островот Кипар. За неговата мудрост и добродетел го избраа за епископ и со љубов и ревност управуваше со Црквата Божја. Кога настана гонење на христијаните во времето на нечестивиот цар Ликиниј, овој Божји човек беше изведен на суд и подложен на маки. Кога мачителот Савин го советуваше да се одрече од Христа и да им се поклони на незнабожечките идоли, Теодот му одговори: „Да би ја знаел ти добрината на мојот Бог на Кого се надевам дека заради овие краткотрајни маки ќе ме удостои со вечен живот и самиот би посакал да пострадаш за Него вака како јас“. Му удираа клинци во телото, а тој Му се молеше на Бога со благодарност; па мислејќи дека крајот му е близу, ги советуваше и ги поучуваше христијаните што беа околу него. Но по Божја Промисла царот Константин во тоа време објави слобода за христијаните и нареди да бидат пуштени сите што се под суд заради Христа. Тогаш го ослободија и овој светител и така изнамачен се врати на епископската столица во Киринија и поживеа уште две години. Потоа се упокои во Господ Кому верно Му служеше и за Кого многу пострада. Земниот живот го заврши и замина во дворците Господови во 302 година.

Светиот маченик Троадиј

Пострада за Христа како момче. Григориј Неокесариски го виде во видение како храбро ги поднесува маките за Христа с ѐ додека не го убија. И му ја виде душата кога му се раздели од телото и радосно иташе на небото. Свети Троадиј пострада и се прослави во 3 век.

Четиристотини и четириесет маченици

Убиени од Лонгобардите во Италија околу 579 година. За нив пишува Св. Григориј Двоеслов. На едно место беа убиени четиресетмина, а на друго другите четиристотини, сите затоа што не сакаа да јадат од идолските жртви, а освен тоа овие четиристотини не сакаа да играат околу козјата глава според тогашниот обичај на незнабожните Лонгобарди принесувана на жртва на демоните.

Преподобен Агатон

Голем мисирски подвижник од 5 век. Современик на Св. Макариј и на неговиот ученик Св. Лот. Се грижеше да ги исполнува сите Божји заповеди. Некој од браќата му го пофали ноженцето со кое сечеше прачки за плетење кошници. Кога го слушна, светителот со радост му го подари ноженцето на братот. Говореше Св. Агатон: „За мене би било задоволство да можам на себе да го земам телото на некој лепрозен, а нему да му го дадам моето“. Ете за совршената љубов...

Светата маченичка Евталија

Света Евталија беше девица од Сицилија и нејзината мајка го носеше истото име, а брат ѝ се викаше Сермилијан. Сите беа некрстени и незнабожци. Старата Евталија боледуваше од крвотечение. Во сон ѝ се јавија Светите маченици Агфеј, Филаделф и Кирил (10 мај) и ѝ рекоа дека ќе оздрави само ако се крсти во името на Господ Исус Христос. Евталија поверува во Христа, се крсти и навистина оздраве. Кога го виде тоа чудо и ќерка ѝ се крсти. А Сермилијан почна да ги исмева мајка си и сестра си заради верата во Христа, а потоа и да им се заканува. Мајката се уплаши и побегна од дома. Тогаш братот почна да си ја гони сестрата. Но таа не се уплаши, зашто помил ѝ беше Христос одошто братот и му рече на Сермилијан: „Христијанка сум и не се плашам да умрам“. Изопачен, брат ѝ испрати кај неа еден слуга за да ја оскверни. Но кога ја нападна Евталија слугата ослепе. Брат ѝ го виде тоа чудо, но остана со тврдо срце. Јурна по сестра му, ја фати и ѝ ја отсече главата, слично како Каин. Со ова Светата девица Евталија се овенча со венец на вечна слава, а на неа се исполнија зборовите на Господ Кој не сокри дека непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни (Матеј 10, 34 - 35).