Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 13/03/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот свештеномаченик Протериј

Овој светител беше презвитер во Александрија во времето кога патријарх во тој град беше еретикот Диоскор, еден од покренувачите на монофизитската ерес, којашто учеше дека во личноста на Исус Христос нема две природи туку една. Во тоа време царуваа Маркијан и Пулхерија. Протериј, кој беше благочестив и свет маж, стана против Диоскор и за ова претрпе многу беди. Тогаш беше свикан Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, на којшто монофизитската ерес беше осудена, Диоскор симнат од престолот и испратен во прогонство. На негово место беше избран овој правоверен маж Протериј. Тој управуваше со Црквата со ревност и со љубов на вистински Христов следбеник. Но следбениците на Диоскор не престанаа да создаваат смут во Александрија. При еден ваков крвав метеж Протериј излезе од градот со намера привремено да се оддалечи, но на патот му се јави Пророкот Исаија и му рече: „Врати се во градот, те чекам за да те земам“. Протериј се врати и влезе в црква. Кога слушнаа дека се враќа, дрските еретици навалија во црквата, го фатија патријархот и го избодија со ножеви. Тогаш со Протериј загинаа уште шестмина христијани. Така прими маченички венец за православната вистина овој прекрасен пастир на Христовото стадо во 457 година.

Свети Василиј Исповедник

Другар и соработник на Свети Прокопиј Декаполит. Василиј верно го следеше својот учител Прокопиј и во време на мир и кога беа гонењата. Претрпе многу маки од иконоборците. А кога иконоборците пропаднаа, по Божја Промисла Василиј се врати заедо со Прокопиј во својот манастир и таму во пост и молитва поживеа долго и се упокои мирно во 747 година.

Светиот свештеномаченик Нестор, епископ Магидиски

Се одликуваше со голема кротост. Во времето на Декиј беше изведен на суд и луто мачен за Христа. Пред смртта виде во видение жртвено јагне и ова си го протолкува како знак на својата скора жртва. Беше мачен од епархот Публиј и најпосле го распнаа на крст во Пергија во 250 година.

Блажениот Николај, Јуродив Псковски

Живееше со живот на јуродив во градот Псков во времето на царот Иван Грозниот и се упокои на 28 февруари 1576 година.