Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 12/03/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот маченик Агатангел Битолски

Овој македонски светител пострада од Агарјаните во 1727 година. Како што пишува на кивотот во кој денес во Бигорскиот манастир се чува неговата чесна глава, во тој период од нивното петвековно владеење со македонските краишта Агарјаните имале необичен и свиреп обичај за време на тридневното празнување на Бајрам насилно да го преведат во својата исламска вера секој христијанин што ќе го нашле. Во страв и трепет пред нивниот незадржлив гнев незаштитените и угнетени христијани се сокривале кој како умеел и можел. Раката на друговерните гонители пак, секогаш успевала да докачи по некоја нејака жртва и да го изврши злото над невиниот човек. Мнозина од уловените македонски христијани гонителите ги наоѓале неподготвени да појдат на маченички подвиг и исходот на спасението на оние што го примале исламот под тешка закана останувал неизвесен. Но Бог разгоре љубов кај Својот храбар следбеник Агатангел, кој реши да се дрзне, та со помош Божја да му стави крај на нечесното затирање на кревките и неопитни души. Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел појде во царскиот сарај и со богомудри зборови пред турските големци се заложи тоа насилно исламизирање на невините христијани на Бајрам да запре. Со содејство Божјо светителот успеа да најде милост пред агарјанските првенци и тие, според ферманот приготвен за таа добра намера, го укинаа гонењето на христијаните на Бајрам. Но Бог, за да ја открие вистинската верност на Својот ревнител Агатангел им допушти на неколкумина Агарјани во Битола да му се нафрлат на светиот маж и да го погубат. А свети Агатангел чесно пострада од нив, простум примајќи го својот небесен венец од Христа, Кому Му поверува: „Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.” (Мат. 29 – 33 )

Преподобен Прокопиј Декаполит

Овој светител беше од Десетоградието (Декаполис) околу морето Галилејско, заради што и се нарече Декаполит. На испоснички живот се предаде во младоста и ги мина сите пропишани подвизи за очистување на срцето и возвисување на духот кон Господ. Но кога настана гонењето за иконите од страна на злобниот цар Лав Исавријанин, Прокопиј стана во заштита на иконите, докажувајќи дека иконопоклонувањето не е идолопоклонство, зашто христијаните знаат дека поклонувајќи им се на иконите не ѝ се поклонуваат на материјата туку на живите светители насликани на иконите. Заради ова го мачеа ѕверски, го затвараа, го биеја и го стругаа со железо. Кога беше убиен злобниот цар Лав, иконите беа вратени во црквите, а Прокопиј се врати во својот манастир и во него во мир го проживеа остатокот од животот. На старост се пресели во Царството Божјо, каде што со радост ги гледа ангелите и светителите чиишто ликови ги чествуваше на иконите на земјата. Мирно се упокои во 9 век.

Преподобен Талалеј

Испосник сириски. Прво се подвизуваше во манастирот на Свети Сава Осветен, но потоа се насели на некои многубожечки гробишта прочуени по појави на демони и плашила. За да го победи стравот во себе со верата во Бога, Талалеј се насели таму и на гробиштата живееше долги години многу трпејќи од нападите на злите духови дење и ноќе. Заради големата вера и љубов кон Господ, Он му даде дар на чудотворство, па им направи многу добрини на болните и страдални луѓе. Се упокои околу 460 година.

Преподобен Тит Печерски

Тит беше презвитер и имаше нелицемерна љубов кон ѓаконот Евагриј како брат кон брат. Но колку што беше голема нивната љубов во почетокот толку голема омраза посеа ѓаволот меѓу нив подоцна. Толку се замразија што кога едниот кадеше во црквата другиот се свртуваше и излегуваше надвор. Тит повеќепати се обидуваше да се помири со својот противник, но залудно. Тој се разболе и сите мислеа дека ќе умре. Замоли да му го доведат Евагриј за да се простат. Со сила го довлечкаа Евагриј до постелата на Тит, но тој се истргна и рече дека на Тит нема да му прости ниту на овој ниту на оној век. Кога го рече тоа се спростре на земја и издивна. А Тит се крена здрав од постелата и раскажа како демоните летаа околу него с ѐ дури не му прости на Евагриј, па кога му прости навалија на кутриот Евагриј, а него го опколија ангелите Божји. Се упокои во 1190 година.

Преподобен Стефан

Прво беше дворски чиновник кај царот Маврикиј. Потоа ја остави дворската служба и гонет од Христовата љубов подигна дом на милосрдие за старците во Цариград. Мирно се упокои во 614 година.

Светиот маченик Јулијан Подагрик

Страдаше од подагра и не можеше ниту да стои ниту да оди. За верата во Христа го изведоа на суд и жив го изгореа на клада заедно со неговиот ученик Кронион во времето на царот Декиј во Александрија.