Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 10/03/2019

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Прочка

Во овој ден правиме спомен на паѓањето на првосоздадениот Адам од рајската храна, што божествените отци наши го определија пред почетокот на светата Четириесетница, за да покажат со тоа колку на човековата природа ? е потребен постот како средство за лекување, а колку е гнасно лакомството и непослушноста. Со примерот на Адам Светите Отци сакаат и нам да ни покажат колку се кобни последиците од невоздржаноста и непослушноста. Адам, јадејќи од забранетиот плод, мислеше дека ќе стане бог. Но, не само што не стана тоа, туку и смртта си ја навлече, а и пропаст на целиот род. И токму поради јадењето на првиот Адам, Господ постеше четириесет денови и беше послушен, и токму поради тоа и сегашниов пост е предложен од светите апостоли, па запазувајќи го она што Адам не го запази, преку постот повторно да ја стекнеме нераспадливоста што тој ја загуби. Впрочем, како што веќе рековме, целта на светите е за малку време да ги придобиеме делата Божји од почетокот до крајот и бидејќи сите ние еднакво ја делиме одговорноста на престапот Адамов и неговиот пад, од таа причина отците предложиле, сеќавајќи се на него, да го одбегнуваме неговиот пример, наместо да ја подражаваме неговата невоздржливост.

Свети Тарасиј, патријарх Цариградски

Неговиот претходник, патријархот Павле, тајно го напушти престолот, отиде во манастир и прими схима. Тогаш владееја Ирина и Константин. Во 783 година, според советот на Павле, за патријарх беше избран царскиот советник и сенатор Тарасиј. Брзо ги помина сите црковни чинови и стана патријарх. Човек со високо образование и голема ревност во православната вера. Овој чин го прими неволно, но во име на победата на Православието над ересите, особено над иконоборството. Под него беше свикан Седмиот Вселенски Собор во Никеја во 787 година, каде што ереста беше осудена, а се врати и се утврди почитувањето на Светите икони. Тарасиј беше многу милостив кон сиромашните и кон бедните, им правеше засолништа и им даваше храна. Но кон силните беше одлучен во одбрана на верата и моралот. Кога царот Константин ја избрка својата законска жена Марија и зеде некоја своја роднина па живееше со неа барајќи од патријархот благослов да се венча, Свети Тарасиј не само што не му даде благослов туку најпрво го посоветува, потоа го изобличи и најпосле го одлачи од Причест. Пред срмтта го видоа како им одговара на демоните: „Не сум виновен за тој грев! Не сум виновен ни за тој грев!...“ Така с ѐ дури не му изнемоште јазикот, па почна да се брани со рацете и да ги изгонува демоните. Кога издивна лицето му заблеска како во сончева светлина. Овој вистински јерарх се упокои во 806 година. Со Црквата управуваше дваесет и две години и четири месеци.

Преподобен Пафнутиј Кефалас

Му беше современик на Св. Антониј Велики. За него се вели дека осумдесет години носел едно исто расо. Свети Антониј многу го ценел и на сите им велел дека овој преподобен Пафнутиј е вистински подвижник, кој умее да лечи и да спасува души.