Тодорова сабота
Во овој ден, прва сабота од постот, го празнуваме преславното чудо со коливото на светиот и славен великомаченик Теодор Тирон, кое има ваков почеток: за време на владеењето на Јулијан Отстапник (по Констанциј – синот на големиот цар Константин), кој отпаднал од Христос и му се вратил на идолопоклонството, започнало гонење на христијаните, јавно или прикриено. Откако се одрекол од свирепото и нечовечно јавно измачување на христијаните, смислил начин тајно да ги оскверни. Во првата седмица од Великиот пост царот Јулијан го повикал управникот на градот и му заповедал да ја тргне храната што обично се продава на пазарите и да ја замени со храна, односно со лебови и пијалаци осквернети со крв од идолски жртви, та оние што постат, купувајќи и јадејќи од оваа храна да се осквернат. Управникот на градор веднаш ја извршил наредбата. Но, по промислата Божја оваа подмолна намера му била откриена на великиот маченик Теодор, наречен Тирон, и го испратил кај градскиот архиереј Евдоксиј да го извести за намерата на царот. Свети Теодор отишол кај архиерејот и му рекол: „Стани веднаш и собери го стадото Христово и кажи му да не купува ништо од пазарите, зашто храната е осквернета со жртвена крв, по наредба на нечестивиот цар. Овој, пак, чудејќи се, го прашал: „Што ќе прават тие што немаат храна дома, ако не одат на пазар да купат?“ Свети Теодор му одговорил: „Нека јадат коливо (варена пченица)“. Патријархот веднаш станал и на мнозина им кажал за своето видение, и на тој начин ја запазил својата паства од подмолната завера на царот-отстапник. Кога царот видел дека не му успеала намерата, наредил на пазарите повторно да се изнесе вообичаената храна. А Христовиот народ, кога завршила седмицата, му оддал благодарност на свети Теодор, и со радост оваа сабота ја определил да се слави во негов спомен.
Светите апостоли Архип, Филимон и Апфија
Архип беше еден од Седумдесеттемина. Апостол Павле го спомнува во Посланието до Колосјаните и во Посланието до Филимон, нарекувајќи го другар во војувањето. Во градот Колоси центар на христијанството беше куќата на Филимон. Овде христијаните се собираа на молитва. Ова го нарекуваше Св. Павле пишувајќи му на Филимон: „твојата домашна црква“. Во тоа време апостолите ги ракополагаа своите ученици за епископи, и тоа некои од нив на постојани места, а некои како патувачки мисионери по разни места. Филимон беше од овие последниве. Неговата жена Апфија постеше и ? служеше на домашната Црква. Во времето на еден празник на незнабожната божица Артемида сите верни во Колоси беа собрани во домот на Филимон на молитва. Незнабожците дознаа за ова собрание, навалија и ги испофаќаа христијаните. Филимон, Архип и Апфија како водачи прво ги избија, потоа ги закопаа до појас во земја и почнаа да ги каменуваат. Вака ги убија Филимон и Апфија, а Архип го извадоа од дупката одвај жив, за разонода на децата. Децата сиот го избодија со ножеви. Така овој Павлов другар во војувањето добро го заврши својот подвиг и патот на земниот живот и се престави кај Господ.
Тропар
Апостоли свети Христови Архипе и Филимоне, преку вас Словото Божјо во вселената се проповедаше, цркви устројувавте, служители поставувавте и спасение на родот човечки проповедавте, со Апфија света мноштво души кон Христа приведовте, молете се, свети маченици, благодатта на вашите венци светило да биде за нашите души.
Преподобен Доситеј
Ученик на славниот авва Доротеј, којшто живееше во киновијата на Преподобните Серид, Јован и Варсонуфиј Велики. Доситеј беше роднина на еден војвода и во Ерусалим дојде да ги види Светите места. Еднаш додека гледаше во сликата на Страшниот Суд во една црква, му се приближи една жена во порфирен фустан и му објаснуваше. А најпосле, при разделбата му рече дека ако сака да се спаси треба да пости и често да Му се моли на Бога. Ова беше Пресвета Богородица. Срцето на младиот Доситеј се разгоре и посака монашки живот. Доротеј го прими за негов ученик и му нареди наполно да ја отсече сопствената волја и да го слуша својот духовен отец. Неколку дена му даваше да јаде колку што сака, по извесно време му скратуваше по една четвртина, по некое време уште по една, с ? дури не го навикна на најмало количество храна, постојано велејќи му: „Јадењето е навика и кој колку ќе навикне толку и јаде“. Свети Доситеј се спаси и се прослави преку послушанието. Остана засекогаш за пример на монашкото послушание и предаденост на својот духовен отец. Овој млад светител живееше во 6 век.
Тропар
Твоите молитви, преподобен Доситее, се мелем за душата наша, која Господ ја милува, по твоето застапништво. Примерот на твојот свет живот е праслика на радоста, помеѓу Бога и човекот, кој во послушание се насладува,гледајќи Го лицето на Творецот свој. Радувај се, свети послушниче, кој малку време беше верен, а Он направи вечноста да не те одмине.