Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 01/03/2020

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Прочка

Во овој ден правиме спомен на паѓањето на првосоздадениот Адам од рајската храна, што божествените отци наши го определија пред почетокот на светата Четириесетница, за да покажат со тоа колку на човековата природа ? е потребен постот како средство за лекување, а колку е гнасно лакомството и непослушноста. Со примерот на Адам Светите Отци сакаат и нам да ни покажат колку се кобни последиците од невоздржаноста и непослушноста. Адам, јадејќи од забранетиот плод, мислеше дека ќе стане бог. Но, не само што не стана тоа, туку и смртта си ја навлече, а и пропаст на целиот род. И токму поради јадењето на првиот Адам, Господ постеше четириесет денови и беше послушен, и токму поради тоа и сегашниов пост е предложен од светите апостоли, па запазувајќи го она што Адам не го запази, преку постот повторно да ја стекнеме нераспадливоста што тој ја загуби. Впрочем, како што веќе рековме, целта на светите е за малку време да ги придобиеме делата Божји од почетокот до крајот и бидејќи сите ние еднакво ја делиме одговорноста на престапот Адамов и неговиот пад, од таа причина отците предложиле, сеќавајќи се на него, да го одбегнуваме неговиот пример, наместо да ја подражаваме неговата невоздржливост.

Светиот великомаченик Теодор Тирон

„Тирон“ значи „регрут“. Штотуку Свети Теодор беше стапил во војска, во Мармаритскиот полк, во градот Амасија, започна гонењето на христијаните под царевите Максимијан и Максимин. Со оглед дека тој не сакаше да крие дека е христијанин, го подложија на суд и го фрлија во затвор, заклучен и запечатен. Во затворот му се јави Самиот Христос велејќи му: „Не плаши се, Теодор, Јас Сум со тебе, не земај веќе овоземна храна и пијалок, зашто ќе бидеш во другиот живот, вечниот и неминливиот, со Мене на небесата“. При ова се јави мнозинство ангели во затворот и сиот затвор заблеска прекрасно, а затворските стражари ги видоа ангелите облечени во бело и мошне се уплашија. По ова Свети Теодор беше изведен и осуден на смрт. Го фрлија во оган и Му ја предаде својата душа на севишниот Бог. Пострада во 306 година.

Преподобниот Теодосиј Бугарин и неговиот ученик Роман

Како монах Свети Теодосиј се насели недалеку од градот Трново, каде што основа обител која по него ја нарекуваа Теодосиева. Значително се истакна на Соборот против богомилите во 1360 година. Штитејќи ја православната вера тогаш мудро ги посрами богомилите. Својот земен живот го заврши во Цариград во 1362 година. Неговиот ученик Роман продолжи да се подвизува во Теодосиевата обител до својата смрт.

Света Маријамна (Марија)

Сестра му на Светиот апостол Филип. Патуваше со својот брат и заедно го проповедаа Евангелието во Ерапол и по други места. После маченичката смрт на Филип Маријамна ја продолжи својата мисионерска работа во Ликаонија, каде што и се упокои.