Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 19/02/2019

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Свети Вукол, епископ Смирненски

Ученик на Св. Јован Богослов, којшто и го посвети за епископ на градот Смирна. Во Смирна тогаш имаше малкумина крстени. Свети Вукол блескаше сред темнината на незнабоштвото како јасна свеќа. Се одликуваше со сите добродетели, а особено со благост и со кротост. Пред смртта Вукол го посвети за свој наследник во епископството славниот Поликарп, а самиот мирно се упокои и отиде кај Господ.

Светата маченичка Фауста

Пострада за Христа во времето на царот Максимијан (помеѓу 305 и 311 година). Со своето јунаштво ги восхити и ги обрати кон христијанство своите мачители: осумдесетгодишниот жрец Евиласиј и епархот Максим. Кога судијата ѝ се закани на Фауста со уште пострашни маки, таа му рече да изработи нејзина икона со изобразба на сите оние маки со коишто ѝ се заканува. Кога беше готова иконата и ѝ ја покажаа, Света Фауста рече: „Како што оваа икона не чувствува никакви маки така ни моето тело не ги чувствува маките од твоите казни, зашто душата моја е утврдена во Бога“. Судијата ја фрли во котел со врела вода и во него ова тринаесетгодишно девојче претрпе смрт и со молитва на усните отиде со душата во Рајот.

Светата маченичка Доротеја

Угледна и прекрасна девица од Кесарија Кападокиска. Управникот на областа Саприкија им ја даде Доротеја на двете незнабожечки сестри Христина и Калиста за да ја одвратат од Христа. Но се случи обратно: Доротеја успеа да ги обрати обете сестри во верата Христова. Налутен Саприкиј нареди и ги врзаа овие две сестри со плеќите една за друга, па ги фрлија во каца со смола и ги запалија. Тогаш ја осудија на смрт Доротеја. Таа радосно ја ислуша пресудата и возвикна: „Ти благодарам, душељубецу Христе, што ме повикуваш во Твојот Рај и ме воведуваш во пресветите дворци Твои!“ Некој присутен големец Теофил ѝ се насмае на Доротеја за овие зборови и ѝ довикна: „Чуј, невесто Христова, испрати ми јаболки и цвеќе од шипинките од Рајот на твојот жених!“ „Навистина ќе ти испратам!“, му одговори маченичката. Кога Доротеја беше на губилиштето одеднаш се појави едно прекрасно момче со три чудесни јаболка и три црвени цвета од шипинки. Тоа беше ангел Господов. А беше зима. Доротеја му рече на ангелот да му ги однесе на Теофил и да му рече: „Еве ти што бараше!“ Кога Теофил ја прими пораката и го виде дарот, сиот го обзеде страв. И с ѐ се преврте во него, па тој, закоравен незнабожец, стана христијанин. Беше и мачен и убиен за Христа, а отиде со душата во Рајот на Господ Исус набрзо после Света Доротеја.

Свети Фотиј, патријарх Цариградски

Голем светилник на Црквата. Роднина на царот и внук на славниот патријарх Тарасиј. Крепостен заштитник на Црквата од папското властољубие и од другите римски изопачувања на верата. За шест дена ги помина сите чинови од лаик до патријарх. Стана патријарх на Божик, 857 година, а се упокои во Господ во 891 година.

Преподобните Варсонуфиј и Јован

Големи подвижници од Газа, проѕорливци и чудотворци. Ја составија прочуената книга „Одговори“ за многу прашања од духовниот живот. Живееја во 6 век.

Светите маченички Марта и Марија и нивниот брат Ликарион

Сите тројца беа распнати на крст за Христа, па потоа избодени и умртвени со копја.