Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 11/01/2022

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светите четиринаест илјади младенци маченици во Витлеем

Бидејќи мудреците од Исток не се вратија од Витлеем во Ерусалим за да му јават на Ирод за новородениот Цар, туку на заповед од ангел по друг пат заминаа за својата татковина, царот Ирод се разјари како лута ѕверка и нареди да се убијат сите деца на возраст до две години во Витлеем и во сета витлеемска околија. Оваа страшна царска заповед беше извршена буквално. Неговите војници некои деца ги убија со меч, други ги разбиваа врз камења, трети ги гмечеа со нозе, четврти со рацете ги задавија. И се крена плач и лелек на мајките до небесата; пискот и горко плачење, „Рахил плаче за своите деца и не сака да се утеши за нив, зашто ги нема“ , како што е и пророкувано (Еремија 31, 15; Матеј 2, 18). Ова злосторство над многубројните невини деца се изврши една година по раѓањето на Исус Христос, на 29 декември. За ова време Ирод трагаше за да Го пронајде Божествениот Малденец. Го бараше од Захарија син му Јован, се разбира за да го убие, зашто мислеше дека Јован е тој нов Цар. Па бидејќи Захарија не го даде Јован, по наредба на Ирод самиот Захарија го убија во храмот. Ќе го убиеја и Св. Симеон Богопримец, ако после Сретение не се упокоеше во Господа. Откако ги уби витлеемските деца Ирод се наврте на еврејските старешини коишто му толкуваа каде треба да се роди Месијата. Го уби првосвештеникот Иркан и други седумдесет старци од Синедрионот. Така зло завршија и оние коишто се согласуваа со Ирод дека новиот Цар Младенец треба да биде убиен. Потоа ги уби своите - брат му, сестра му и жена му и тројцата свои синови. Најпосле и него го постигна Божја казна: почна сиот да се тресе, нозете му потекоа, долниот дел од телото му загнои, а од гнојот потекоа црви, носот му се затвори и од него се ширеше неподнослива смрдеа. Пред да издивне се сети дека во затворот има многумина Евреи коишто би се израдувале на неговата смрт, па заради тоа нареди сите да ги убијат. Така ја испушти својата нечовечна душа овој грозен владетел и им ја предаде во вечна сопственост на демоните.

Тропар
Нема непријателот љубов во себе, затоа што самољубието во него е длабочина неизмерна, о Господи, прибери ги Твоите младенци од сите векови, и насади ги во Твоите градини како кринови расцветани, како садови во кои се мијат рацете на простувањето.

Преподобен Маркел

Од Апамија Сириска. Игумен на обителта на Неусипајуштите во Цариград. Проѕорливец, исцелител и голем чудотворец. Разговараше со ангелите, лесно ги победуваше и ги изгонуваше демоните. По смртта му се јави на својот собрат Св. Лукијан и му рече дека Го измолил Бога и него да го земе наскоро во Царството Небесно. Овој свет и славен маж се упокои во 486 година.

Тропар
Кога светлината на очите твои дозна, преподобен оче Маркеле, дека не спие Оној Кој го чува Израилот, побрза славословие на Бога да принесеш, преку сите денови на твојот живот, а Он Вистинскиот не ги отфрли твоите повици, и ги запази оние кои се застапени по твоите молитви. Затоа, и ние припаѓаме денес пред тебе и те чествуваме, како Божји угодник, и молител за нашите души.

Преподобните Марко Гробар и Теофил Плачлив

Киевопечерски монаси. Св. Марко имаше толкава благодат што им заопведаше на мртвите и тие го слушаа. „Почекај, брате, до утре, зашто гробот не ти е готов,“ му рече на еден упокоен монах којшто беше веќе избањат и опеан, и монахот ги отвори очите и беше жив до другиот ден. Теофил непрестајно плачеше за своите гревови. Своите солзи ги пролеваше над еден сад. Пред смртта му се јави ангел и му покажа еден поголем сад исполнет со солзи. Тоа беа солзите на Теофил, оние што паднале на земја или ги истрил со раката или му се исушиле на лицето. Така на небото се знаат и се чуваат сите наши солзи, како и сите маки, трудови и воздишки за спасението. Овие Свети Божји слуги се упокоија во 11 век.

Тропар
Дарот даруван ти од Христа Бога, преку молитвите на Марко великиот, те умудри да го чекаш денот Господов, о Теофиле свети, и твоето покајание не беше изненадено од времето кое одминува. Моли се и за нас солзен саду, кој врлини собра, и душа излекува со благодатта Христова.

Кондак
Верата твоја чудесна Марко свет подвижниче, Господ ја зали со миомирисна простота, од каде блаженство изнедри кое и мртви воскреснува и души обременети утешува, о достојнославен затворениче. Застапи се за нас, ти, чие видело далечини не познава, по твоите молитви да стигнеме до Христа Бога, избегнувајќи ги митарствата.