Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 08/01/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Свети праведен Јосиф Обручник

Праведниот Јосиф Евангелието го нарекува м а ж п р а в е д е н (Матеј 1, 19). Затоа и му ја даде Бог Пресветата Дева на заштита, со што му се додели голема чест во домостројот на спасението на човечкиот род. Иако Јосиф беше од царскиот род Давидов, сепак самиот беше скромен дрводелец во Назарет. Во својата осумдесетта година Ја зеде Пресветата Дева од ерусалимскиот храм во својот дом, а во сто и десеттата година од животот се упокои.

Свети цар Давид

Се празнуваат во неделата после Божик. За царот Давид, синот Јесеев, може да се дознае од Книгите Царства на Стариот Завет.

Свети Јаков, брат Господов

Се нарекува брат Господов затоа што му беше син на праведниот Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица. Кога праведниот Јосиф беше на умирање, па сакаше да Му остави еден дел на Исус, синот на Пресветата Дева Марија, сите браќа се спротивставија на ова, не сметајќи Го за свој брат. Јаков многу Го љубеше Исуса и изјави дека тој ќе го подели својот дел со Него. И затоа се нарекува брат Господов. Од почетокот Му беше приврзан. Според преданието тој и во Мисир одеше со Пресветата Дева и со Јосиф кога Ирод бараше да Го убие новородениот Цар. Штом ја чу Христовата наука Јаков почна да живее според неа. За него се вели дека целиот живот не јадел маст ниту зејтин, туку дека живеел само на леб и вода. И бил девственик до крајот на животот. Многу бдеел ноќе и Му се молел на Бога. Господ го вбројал во Своите Седумдесетмина апостоли. По воскресението Христос нему му се јавил посебно, како што сведочи Св. апостол Павле (1 Кор. 15). Бил епископ во Ерусалим триесет години и ревносно управувал со Божјата Црква. По указ на Господ ја составил првата литургија, којашто за подоцните христијани беше премногу долга, па затоа ја скратуваа Св. Василиј Велики и Св. Јован Златоуст. Многумина Евреи и Елини Св. Јаков ги обрати во верата Христова. И самите неверни Евреи ? се восхитуваа на неговата праведност и го нарекуваа Јаков Праведниот. Но кога дојде за првосвештеник Анан, тој со другите еврејски старешини намисли да го убие апостолот Јаков, како проповедник Христов. Еднаш на празникот Пасха, кога многу народ се беше собрал во Ерусалим, му рекоа старешините да се качи на покривот од храмот и оттаму да говори против Христа. Свети Јаков се качи и почна да му зборува на народот за Христа како за Син Божји и вистински Месија, за Неговото воскресение и за Неговата вечна слава на небесата. Разјарени свештениците и старешините го турнаа од покривот и тој падна и се повреди многу, но с ? уште беше жив. Тогаш притрча еден човек и го удри по главата толку силно, што му го истури мозокот. И така сврши со маченичка смрт овој преславен Христов апостол и се пресели во царството на својот Господ. Јаков имаше шеесет и три години кога пострада за Христа.

Собор на Пресвета Богродица

На вториот ден од Божик христијанската Црква ѝ оддава слава на Пресветата Божја Мајка, Којашто Го роди Господ и Сапсителот наш Исус Христос. Ова празнување се нарекува Нејзин собор затоа што на тој ден се собираат сите верни за да Ја прослават Нејзе, Која е Богородица. Тогаш се служи торжествено, соборно, во Нејзина чест. Во Охрид од древноста беше устроено спроти вториот ден на Божик вечерната да се служи само во црквата на Пресвета Богородица, наречена Челница. Целото свештенство со народот овде соборно Ја прославуваше Пречистата Божја Мајка.

Спомен на бегството во Мисир

Источните мудреци, ѕвездогледци, што Му се поклонија на Господ во Витлеем, на заповед од ангел се упатија на пат кон својата татковина. А свирепиот цар Ирод намисли да ги убие сите деца во Витлеем. Бог ја виде оваа намера на Ирод, па испрати Свој ангел кај Јосиф. Божествениот ангел му се јави на Јосиф во сон и му нареди да го земе Младенецот и Неговата Мајка и да бегаат во Мисир. Јосиф така и постапи. Ги зеде Младенецот и Мајка Му и се упатија прво во Назарет (Лука 2, 39), овде ги уреди сите свои домашни работи, го зеде со себе својот син Јаков, а потоа тргнаа за Мисир (Исаија 19, 1). Во стар Каиро до денес се покажува пештерата во којашто живееше Светото семејство, а во селото Матареа, близу Каиро, укажуваат на дрвото под кое се одмарала Пресвета Богородица со Богомладенецот. Таму има и чудотворен извор со вода под она дрво. Откако поживеаја неколку години во Мисир, по заповед на ангел Божји се вратија повторно во Палестина. И така се исполни второто пророштво: „Од Мисир го повикав Синот Свој“ (Осија 11, 1). Ирод беше умрен, а на неговиот крвав престол седна достојниот нему во злото син Архелај. Кога слушна Јосиф дека Архелај царува во Ерусалим, се упати во Галилеја, во својот град Назарет, каде што се насели во својот дом. Со Галилеја тогаш владееше вториот син Иродов, Ирод помладиот, којшто беше малку поблаг во злото од својот брат Архелај.

Преподобен Еварест

Тој читајќи ги делата на Св. Ефрем Сирин од дипломат стана монах. Беше многу суров кон себеси. На телото носеше синџири, јадеше еднаш неделно, само сув леб. Живееше седумдесет и пет години и отиде кај Господ околу 825 година.

Свети Ефтимиј Исповедник, епископ Сардиски

Присуствуваше на Седмиот Вселенски Собор. Заради иконопочитувањето помина во прогонство околу триесет години. При царот Теофил Иконоборец го биеја со воловски жили, при што заврши маченички во 840 година и прими венец на слава на небото.

Преподобен Константин Синадски

Се обрати од Евреин во христијанин. На Крштението си го положи себеси крстот на глава и на неа му остана чудотворен отисок од крстот с ѐ до смртта. Се упокои во Цариград во 7 век. Славен заради испосништвото и многубројните чуда. Седум години порано го прорече денот на својата смрт.

Преподобен Никодим Прилепски-Тисмански

Роден е во македонскиот град Прилеп. Тој е еден од многубројните плодоносни изданоци на велелепната лоза на Синаитите, кои поттикнати од својот предводник и светилник, преподобниот Григориј Синајски, им го предаваа словото за умносрдечната молитва Исусова на оние што имаа жед да си ги очистуваат срцата со Божествениот оган, та да живеат и да умираат само за Господа. Од детството беше воспитан во побожност и во секое целомудрие. Како многу надарено момче ревносно им се посвети на науките од она време, особено на Божествената наука на Светото Писмо и на православната теологија. Од сесрце го засака монашкиот живот и Го молеше Бога да го удостои со монашки чин. Бог му ја исполни оваа желба испраќајќи кај него некои монаси од светогорскиот манастир Хиландар. Тој веднаш замина со нив на Атос, каде се замонаши и брзо се извиши со својот рамноангелен подвиг, па беше удостоен и со свештенички чин. По смртта на игуменот, како монах совршен во добродетелите и исполнет со секое Божествено и човечко знаење, за игумен еднодушно го избраа свети Никодим. Бидејќи голема духовна светилка, им беше познат и омилен на балканските подвижници и црковни пастири од она време. А по неиспитливите патишта Божји, замина од Света Гора во Србија, каде светиот кнез Лазар сакаше да го издигне на висока духовничка позиција. Желен за молитвено тихување во осаменост, блажениот му заблагодари на премудриот кнез, но го одби, а се насели во близината на Кладово, покрај Дунав. Тука на пастирот кој повеќе сакаше да се потпре на десницата Божја отколку на почитта на чесниот овоземен кнез, Самиот Бог повторно му донесе стадо кое постојано раснеше во Духот и се умножуваше. Имено, со својот возвишен живот свети Никодим и овде заблесна толку многу, што околу него се собраа многубројни монаси од Света Гора и од други краишта на Балканот. Тука подигна црква посветена на Пресвета Троица и во новоустроениот манастир го воведе подвигот на светогорските исихасти. Потоа по Божјо откровение со дел од браќата од манастирот кај Кладово премина на другата страна на Дунав и се насели во Угровлашките краишта, во северински Банат, близу денешниот град Тур-Северин во Романија. Заедно со овие монаси на реката Водица свети Никодим устрои прекрасен манастир посветен на свети Антониј. Во 1374 година влашкиот господар Владислав-Влајка Воде со повелба ја потврди самовласноста на манастирот на свети Антониј на Водица. Заради неговата извонредна ученост и мудрост, повикан од кнезот Лазар свети Никодим ја помагаше дипломатската мисија за помирување на Српската и Цариградската Патријаршија. Потоа во Влашка, со помош на влашкиот војвода Раду I (1377 – 1384 г.), го подигна големиот манастир Тисман, кој се наоѓа на реката Тисман, а Ѝ е посветен на Пресвета Богородица. Свети Никодим устрои уште неколку цркви и манастири во Романија (црквите Вратну и Монастирицу и манастирот Прислоп). Сите негови манастири станаа духовни расадници на монаштвото и на духовниот живот во Влашка, Молдавија и воопшто за цела Романија. Затоа православните Романци свети Никодим го почитуваат како свој просветител, а го именуваат со благодатното име Осветен. Се упокои во Господ на 26 декември 1406 година во манастирот Тисман, каде што до денес почиваат неговите Свети мошти.