Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Крива Паланка (10.11.2011)

Денес нашиот убав град Крива Паланка, блеснат во прекрасниот есенски ден од убавините на Осоговските планини, свечено го празнуваше патрониот празник на нашиот древен соборен храм од XIX век, посветен во чест и слава на светиот великомаченик и чудотворец Димитриј  Солунски. Храмот беше претесен да ги собере многуте верници кои на чело со градоначалникот Арсенчо Алексовски од раните утрински часови се слеваа како жива огнена река пред портите, за оттаму, заедно со парохиските свештеници достојно и како што доликува да го пречекаат надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, кој по топлото искажано добредојде ја отпочна Светата Божествена Литургија со свештенството од Кривопаланечкото архиерејско намесништво.

На литургијата од страна на Митрополитот во чин ипоѓакон беше произведен теологот Александар  Стефановски, инаку домаќин во манастирот свети Јоаким Осоговски, а во чин на свештеник беше ракоположен ѓаконот и допломиран теолог Игор Здравковски од Куманово, кому што Митрополитот молитвено му посака Светикирилометодиева мудрост, Светиклиментово трудољубие и Светинаумова побожност и трпение, со цел достојно да му послужи на довереното паство и да се потврди како сеоддаен пастир на Светиклиментовата Македонска Православна Црква.

По литургијата Митрополитот Кирил кон верниците се осврна на животот и делото на светиот великомаченик Димитриј Солунски и повика вака бројно да се собираме во светите храмови, да бидеме поблиски до Бога и да Му благодариме за сите Негови добрини кон нашата татковина, заштитена и поштедена од сите разорни особини кои се случуваат на планетата Земја, земјотреси, поплави, пожари и останати временски непогоди кои вршат огромни материјални штети и човечки загуби...

Во продолжение Митрополитот изврши водосвет и заедно со свештениците ги осветија и ги пресекоа славските лебови кои беа во голем број.

На крајот од страна на домаќините-настојатели на чело со архиерејскиот намесник Добрислав Бошковски беше приредена богата братска и сестринска патронска трпеза на љубовта.

Со камбаниот ѕвон Митрополитот г. Кирил со протоѓаконот Вичко Гочевски беа испратени радосно и со желба почесто да доаѓаат за убави и радосни настани и богослужби во нашиот град.

 

          

 

         

 

         

 

         

 

         

 

Известува: ипоѓакон Александар Стефановски