Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Промоција на книга во манастирот на Св. Архангел Михаил во Берово (06.06.2004)

Денес на пладне во манастирот на Свети Архангел Михаил во Берово се одржа промоција на книгата „Спомениците на живописот во малешевскиот крај од XIX и почетокот на XX век“ на м-р Душка Матевска. Со свое видување за значењето на истражувачкиот труд на г-ѓата Матевска се обрати менторот, академик Цветан Грозданов. Во духот на манастирскиот амбиент, а со автентичен расказ од личната посета на манастирот пред низа години, мало литературно читање одржа г-динот академик Петре М. Андреевски. Пригодната програма беше доплнета со црковното пеење на хорот од соборниот храм на Свети Климент Охридски од Скопје, а ја раководеше актерот Томе Витанов. На промоцијата на овој научен труд за иконописното црковно наследство од крајот на XIX и почетокот на XX век во Малешевијата присуствуваа Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Струмичкиот Митрополит г. Наум, градоначалникот и пратеничката на градот во парламентот, бројно свештенство и граѓани. Книгата „Спомениците на живописот во малешевскиот крај од XIX и почетокот на XX век“ во издание на Езимит Д.о.о. Скопје, редакција на списанието Премин излезе со благослов на Струмичкиот Митрополит г. Наум во рецензија на академик Цветан Грозданов.

 

 

Извадоци

 

Свети Архангел Михаил во Берово

 

„Поставен на централно место, натписот нѐ известува дека иконостасот е изработен во август 1818 година, а иконите за него ги насликал иконописецот Георгиј од Струмица. Всушност овде се работи за иконописецот Георгиј Велјанов, син на мајсторот градител Велјан од Струмица. Повеќе од престолните икони подоцна се заменети со икони од понов датум, така што денес се забележуваат три различни фази и учество на тројца одделни иконописци во изработката на иконите од иконостасот.“

...

„Вратата од протезисот е поделена на два дела. Во горниот дел е допојасната претстава на праведниот Ное, кој во левата рака го држи ковчегот, а десната му е благо подигната. При теренските истражувања направени во црквата на Свети Архангел Михаил забележавме повеќе икони чијшто сликарски ракопис е идентичен на оној од претставата на праведниот Ное. Тоа, пред сѐ, се однесува на карактеристичниот начин на исцртување на очите, длабоките хоризонтални линии на челото и длабоките коси паралелни линии на образите кога сликал постари светителски ликови. Од престолните икони на овој зограф можеме да му ги атрибуираме: Св. Димитриј кој го убива гладијаторот, Св. Атанасиј насликан во цел раст, Св. Јован Крстител и Св. Теодор Тирон. Интересна е претставата на Св. Димитриј каде што во позадината се гледа ведута на Солун, веројатно според неговиот изглед од XIX век.“

 

Свети Спас во Владимирово

 

„Црквата е трикорабна со полукружна апсида на источната страна. Главниот влез на црквата е од јужната страна, а посебен влез на спрат има и на западната страна, којшто служи за директен влез во женската галерија. ... Во врска со поделеноста на работата на сликањето на иконите од иконостасот можеме да кажеме дека сите престолни икони ги има изработено главниот мајстор, зографот Петруш, којшто се потпишал и на иконата со ликот на Свети Атанасиј, со ракописни букви. Свој потпис оставил и на амвонот, каде што ги насликал Пророците: Авакаум, Илија, Даниил, Мојсеј, Исаија, Захарија и Гедеон.“

 

Свети Илија во Митрашинци

 

„Во втората зона и на северниот и на јужниот ѕид е насликана комбинација од сцени на големите празници и сцени од циклусот на Христовите страдања. На северниот ѕид насликани се сцените: Христос пред Пилат и миење на рацете, Христово Распетие и Христово погребение, а на јужниот ѕид: Обрезание Христово, Сретение и Предавството на Јуда. На празниот простор од прозорците во црквата се насликани ликови на Пророци. На северниот се насликани Пророците: Давид, Еремија, Мојсеј, Исаија и Соломон, а на јужниот ѕид: Авакум, Пророк со уништена сигнатура и Захариј.“

 

 

Авторот

Душка Матевска (Гаштеовска) е родена на 22 март 1966 г. во Штип. Се школува во Берово и Скопје. На Институтот за историја на уметност со археологија при Универзитетот Свети Кирил и Методиј – Скопје, во 1999 г. ја брани магистерската теза под наслов „Спомениците на живописот во малешевскиот крај од XIX и почетокот на XX век“, со што се стекнува со академскиот степен магистер по историја на уметноста. Вработена е во Туристичкиот сојуз на Скопје и досега има учествувано на повеќе научни собири чија тематика е релацијата туризам – уметност. Во книгата „Спомениците на живописот во малешевскиот крај од XIX и почетокот на XX век“ се презентирани резултатите добиени од истражувањето на културно-историските споменици во малешевскиот крај спроведени во 1998 г., а кои беа неопходни за изработка и одбрана на магистерската теза.