Царството Небесно не е јадење и пиење, туку праведност и мир и радост во Светиот Дух
 
 
 
 
 

Царството Небесно не е јадење и пиење, туку праведност и мир и радост во Светиот Дух (03.03.2009)

На христијанинот му е неопходно да пости за да го избистри својот ум, да стане почувствителен и својата волја да ја придвижи кон добро дело. Овие човечки способности ние ги помрачуваме и ги задушуваме најмногу со прејадување, опивање и грижите на овој свет, а со тоа отпаѓаме од Изворот на животот, Бог, и паѓаме во пропадливост и суета, изопачувајќи и осквернувајќи го ликот Божји во себе. Прејадувањето и сладострастието нѐ приковуваат за земјата и ги поткаструваат крилјата на нашата душа. А погледнете, колку високо летаа сите испосници и подвижници Христови – како орли на небесата! Тие, иако земнородни, живееја со умот и со срцето на небесата, слушајќи таму неискажливи зборови, и научувајќи се на Божествената премудрост. А колку само човекот се понижува себеси со стомакоугодување, прејадување и опивање! Тој ја изопачува својата природа, создадена според образ Божји и се вподобува на бесловесните животни, дури станува и полош од нив... Христијанинот треба да пости и заради тоа што со воплотувањето на Синот Божји човечката природа е обожена и заради тоа што ние итаме кон горното Царство кое не е јадење и пиење, туку праведност и мир и радост во Светиот Дух... Само на незнабожците им е својствено прекумерно да јадат и пијат, препуштајќи им се на сетилните уживања...

Во онаа мера во којашто човекот ѝ удоволува на својата сетилност тој станува телесен и Го оддалечеува од себе Пресветиот Дух Божји, Кој не може да престојува во оние што водат исклучиво телесен живот: бидејќи каква заедница постои помеѓу светлината и темнината?! Таквите луѓе немаат вера ни љубов во срцето, ниту го имаат духот на молитвата. И ја одбегнуваат заедницата со Црквата.

Ако многу јадеш и пиеш ќе бидеш тело. Ако постиш и се молиш ќе бидеш дух.

Не му верувај на телото свое, кое за време на молитвата ти се заканува дека нема да можеш да издржиш – те лаже. Кога ќе почнеш да се молиш, ќе видиш дека тоа ќе стане твојот покорен слуга. Молитвата ќе го ободри. Секогаш сеќавај се дека телото е лажливо.