Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 12:2-12
| 2. | Нема ништо сокриено, а да не се открие, ни тајно – што не ќе се узнае; |
| 3. | па затоа, што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во скривница, ќе биде разгласено од покривите. |
| 4. | А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат; |
| 5. | но ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој по убивањето има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него бојте се! |
| 6. | Зар не се продаваат пет врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено од Бога. |
| 7. | А вам, и косата на главата ви е изброена. Па така, не бојте се: од многу врапчиња вие сте поскапи. |
| 8. | И ви велам: секој што Ме признае Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели; |
| 9. | а кој се одрече од Мене пред луѓето, и тој ќе биде одречен пред Божјите ангели. |
| 10. | На секој, што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој похули на Светиот Дух, нема да му се прости. |
| 11. | А кога ве одведат во синагогите и пред властите и началствата, не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете; |
| 12. | зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете.” |
Апостол на денот: Прво послание на светиот апостол Павле до Солунјаните 5:9-13;5:24-28
| 9. | зашто Бог нe определи не за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос, |
| 10. | Кој умре за нас, та ние, будни ли сме, или спиеме, да живееме заедно со Него. |
| 11. | Поради тоа советувајте се помеѓу себе и поправајте го својот ближен, како што и правите! |
| 12. | И ве молам, браќа, да ги уважувате оние, што се трудат меѓу вас, што се ваши претстојници во Господа, и оние кои ве учат. |
| 13. | И кон нив да имате преголема љубов заради нивното дело. Живејте во мир помеѓу себе! |
| 24. | Верен е Оној, Кој ве повикува, Кој и ќе го направи тоа. |
| 25. | Браќа, молете се за нас! |
| 26. | Поздравете ги сите браќа со свет целив! |
| 27. | Ве заколнувам во Господа ова послание да го прочитате на сите свети браќа. |
| 28. | Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин! |
Поука на денот: Авва Макариј Александриски
Ако сакаш да извојуваш победа над страстите и лесно да ги натераш во бегство мноштвото мислени иноплеменици, собирајќи се во себе преку молитвата и со помош Божја слегувајќи во длабочините на срцето – побарај ги во себе оние три силни ѓаволски џинови, т.е. заборавноста, мрзливоста и незнаењето, од коишто се хранат, дејствуваат, живеат и се крепат во сластољубивите срца и во невоспитаните души сите останати страсти... Кога умот ќе ја спознае безуспешноста на своите спротивставувања на поранешните претстави, и ќе Му ја исповеда на Бог својата поранешна вина, веднаш исчезнува самото искушение и тој одново стекнува власт да внимава на срцето и со сета претпазливост преку молитвата да го чува, настојувајќи да влезе во највнатрешниот и невознемирлив простор на срцето, каде што веќе нема никакви лукави помисли.