Пролог: Преподобен Амон
 

 

Житие: Преподобен Амон

Календар, житија, пости
Почеток
 
Родум Мисирец, а по знимање лозар. Неговите роднини го оженија против неговата волја, но тој не сакаше да живее со жена му како со жена, туку од првиот ден ја нарече сестра и ја посоветува заедно да си ја сочуваат девственоста заради вишните богатства на небесата. Потоа, по договор, жената основа женски манастир во нивниот дом, а Амон отиде во Нитриската пустина, каде што се предаде на пустински подвиг. Заради чистотата на срцето од Бога прими големи дарови на чудотворност и проѕорливост. Едни маж и жена му го доведоа нивниот побеснет син за да го излечи со молитва. Но Амон никако не сакаше. По долго навалување на родителите Амон рече: „Во вашите раце е болеста и здравјето на вашето дете. Вратете ѝ го на онаа вдовица (и ѝ го кажа името) волот што ѝ го украдовте и ќе ви оздравее синот. Ужаснати од оваа проѕорливост на светителот родителите веднаш го исповедаа својот грев и ветија дека штом ќе си отидат веднаш ќе го вратат украдениот вол. Тогаш Св. Амон Му се помоли на Бога и детето оздраве. Амон му беше близок другар на Св. Антониј Велики. Кога тој се упокои во Нитрија околу 350 година, Св. Антониј од својата келија ја виде Амоновата душа во висините и им рече на браќата: „Денес се престави авва Амон, еве, ја гледам неговата света душа како ја носат ангелите на небото“.