Пролог: Свети Павле Исповедник, патријарх Цариградски
 

 

Житие: Свети Павле Исповедник, патријарх Цариградски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Кога блажениот патријарх Александар лежеше на смртна постела, ужалените верни го прашуваа кого го остава зад себе за архипастир на словесното стадо Христово. Болниот патријарх им рече: „Ако сакате да имате патријарх којшто ќе ве учи и ќе ви блеска со добродетел, изберете го Павле, а ако сакате да имате само убав човек и однадвор украсен, изберете го Македониј“. Народот го избра Павле. Но ова не им беше право на аријанските еретици ниту на царот Констанциј, којшто во тоа време беше во Антиохија. И наскоро го симнаа Павле и тој заедно со Св. Атанасиј Велики побегна во Рим, каде што обајцата беа убаво примени од папата Јулиј и од царот Констанс, коишто ги поддржаа во нивната православна вера. На писмо од царот Констанс и папата Јулиј, Павле го вратија на престолот, но кога умре овој цар аријанците кренаа глава и го протераа православниот патријарх во Кукуз во Ерменија. Во прогонство Св. Павле еднаш служејќи литургија беше нападнат од аријанците и удавен со омофорот, во 351 година. Во времето на царот Теодосиј неговите мошти во 381 година беа пренесени во Цариград, а во 1236 година во Венеција, каде што се наоѓаат и денес. Неговите омилени клирици и секретари Маркијан и Мартириј пострадаа наскоро после својот патријарх (под 25 октомври).