Пролог: Свети Јован Молчалник
 

 

Житие: Свети Јован Молчалник

Календар, житија, пости
Почеток
 
Родум од Никопол Ерменски, од татко Евкратиј и мајка Ефимија. Во неговата осумнаесетта година стана монах и се подвизуваше тврдо и одлучно чистејќи си го срцето со многу солзи, постејќи и молејќи се. После десет години беше поставен за епископ Колониски. Со својот пример кон богоугоден живот го привлече и својот брат Пергамиј и чичко му Теодор, коишто беа луѓе угледни на дворецот на царевите Зинон и Јустинијан. Гледајќи ги злобата и метежот на овој свет коишто тој не можеше да ги излечи, го напушти епископскиот престол и преоблечен во прост монах дојде во обителта на Св. Сава кај Ерусалим, каде што остана непознат многу години, вршејќи усрдно и совесно секакво послушание на коешто беше одредуван од игуменот. Заради ова Св. Сава му предложи на патријархот Илија да го ракоположи за презвитер. Кога патријархот сакаше да го ракоположи Јован, Јован му призна дека е веќе посветен во епископскиот чин. Тогаш Св. Јован се затвори во келија, и години и години помина во молчење и молитва. Потоа мина девет години во пустина, хранејќи се само со диво зелје, па повторно се врати во манастирот. Ги одвраќаше верните од Оригеновата ерес и многу придонесе за таа ерес да се сотре и осуди. Проѕираше јасно во духовниот свет и ги исцелуваше луѓето од болести. Откако се победи самиот себеси, лесно ги победуваше демоните. Голем во смирението, во Божествената сила и мудрост, овој Христов слуга мирно се упокои во 558 година, во сто и четвртата година од својот живот.