Пролог: Светиот свештеномаченик Акепсим, епископ Наесонски
 

 

Житие: Светиот свештеномаченик Акепсим, епископ Наесонски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Осумдесетгодишниот старец Акепсим, исполнет со секоја христијанска добродетел, еден ден седеше во својот дом со гости. Притоа едно дете исполнето со благодатта на Светиот Дух му притрча на стариот епископ, го целива во главата и рече: „Блажена е оваа глава, зашто за Христа ќе прими маченички венец!“ Ова пророштво наскоро се обвистини. Царот Савориј покрена луто гонење на христијаните по цела Персија, па беше фатен и Акепсим и го изведе пред некој идолски кнез. На уапсениот и врзан епископ му пристапи некој од неговите домашни и го праша што заповеда во поглед на неговиот дом. Светителот му одговори: „Тоа веќе не е мој дом, јас неповратно одам во вишниот дом.“ После големи мачења го фрлија во затвор. Во истиот затвор утредента ги доведоа Јосиф и Ајтал, од кои Јосиф беше седумдесетгодишен старец презвитер, а Ајтал ѓакон. После три години затвор и многу маки на Акепсим му ја отсекоа главата, а Јосиф и Ајтал ги закопаа во земја до бедрата и бездушниците им наредија на христијаните да ги удираат со камења. По Божја Промисла телото на Јосиф ноќта исчезна, а над Ајталовото тело израсна дрвото марсина, коешто исцелуваше секаква болест и мака кај луѓето. Ова траеше пет години, а потоа завидливите незнабожци го исекоа дрвото. Овие Христови војници пострадаа во 4 век во Персија, за време на незнабожниот цар Савориј.