Пролог: Светата царица Теофанија
 

 

Житие: Светата царица Теофанија

Календар, житија, пости
Почеток
 
Од високородни родители, Константин и Ана, кои им беа роднини на големите цареви. Долги години беа бездетни и Ѝ се молеа на Пресвета Богородица за пород. И Бог им ја даде оваа ќерка, Теофанија. Запоена со христијанскиот дух уште од детството, Теофанија ги надминуваше своите другарки во сите христијански добродетели. Кога порасна стапи во брак со Лав, синот на царот Василиј Македонецот. Заедно со мажот ѝ претрпеа големи неволји. Заради некаква клевета дека наводно Лав носи во чизмата нож за во згодна прилика да го убие својот татко, лековерниот цар Василиј ги затвори синот и снаата во затвор. Тие две невини души трпеа затворени три години. Еднаш на празникот на Св. пророк Илија царот ги повика сите свои големци на гозба. Во еден миг папагалот ненадејно ги изговори овие зборови: „Леле, леле, господине Лав!“ И неколкупати ги повтори овие зборови. Ова мошне го возбуди царот и сите го замолија да ги ослободи синот и снаата. Нажалениот цар така и стори. По смртта на својот татко овој Лав се зацари и беше наречен Мудар. Теофанија не го броеше своето царско достоинство за нешто. Сета предадена на Бога се грижеше за спасението на својата душа, постејќи, молејќи се и делејќи милостиња, обновуваји многубројни манастири и храмови. Од нејзините усни не излезе лажен збор, ниту излишен, а најмалку клевета. Пред својата смрт ги повика сите свои ближни, се прости со нив и Му ја предаде својата душа на Бога во 892 година. Царот Лав сакаше да подигне црква посветена на нејзиното име, но бидејќи патријархот приговори, подигна храм посветен на Сите Светии, говорејќи дека ако Теофанија се осветила, нека се прославува заедно со останатите Светии. Тогаш беше востановен празникот на Сите Светии во неделата после Света Троица (Педесетница).