Пролог: Преподобен Теодосиј Велики
 

 

Житие: Преподобен Теодосиј Велики

Календар, житија, пости
Почеток
 
Прв востановител и устроител на монашкото општежитие. Роден е во областа Кападокија, во селото Могаријаси, од благочестиви родители. Како млад го посети Св. Симеон Столпник којшто го благослови и му прорече голема духовна слава. Со кадилницата во која стави ладно ќумурче и темјан, Теодосиј бараше место за да се насели и да основа манастир и запре таму каде што ќумурчето само од себе се разгоре. Овде се насели и почна да се подвизува. Наскоро околу него се собраа монаси од странски земји. Заради тоа изгради по една црква за секој јазик на кој се зборуваше во обителта, и во слава Божја истовремено служеа и се пееја на грчки, ерменски, грузиски итн. Но во денот кога се причестуваа, сите браќа се собираа во големата црква, во која се служеше на грчки. Трпезата и имотот им беа заеднички на сите, трудот и трпењето заеднички, а неретко и гладувањето. Теодосиј им беше возвишен пример за живот на сите свети монаси, пример во трудот, во молитвата, постот, бдеењето и во сите христијански добродетели. И Бог му подари дар на чудотворство, па можеше да исцелува болни, да се јавува на далечина и да помага, да умножува леб и пченица. Молитвата му беше на усните дење и ноќе. Се упокои мирно во Господ кога имаше сто и шест години, во 529 година.