Пролог: Светиот маченик Патрокле
 

 

Житие: Светиот маченик Патрокле

Календар, житија, пости
Почеток
 
Граѓанин на градот Трикасин, сегашен Тру во Галија. Имаше наследено голем имот од родителите и како вистински христијанин постојано им раздаваше од тоа на сиромасите. Самиот живееше подвижнички, земајќи храна само еднаш дневно, и тоа по залезот на сонцето. Заради светоста на животот Господ му даде дар на исцеление, та насекаде беше познат како исцелител-чудотворец. Кога царот Аврелијан дојде во Галија и нареди да му го доведат Патрокле, светителот ја изјави пред царот својата вера и ништо не сокри. „Ако сакаш, цару, нешто од моите блага ќе ти дадам, зашто те гледам сиромав“, му рече Свети Патрокле на царот. А овој нему: „Како ме нарекуваш сиромав мене, којшто имам неброени богатства?“ Свети Патрокле одговори: „Имаш само земни, минливи богатства, но сиромав си, зашто самиот себеси се немаш, ниту вера во Христа во срцето.“ Го осудија на смрт и го предадоа на војниците да го одведат кај некоја кал близу реката и да го заколат, а телото да му го остават во калта. Но светителот Го молеше Бога да не му остане телото во онаа кал и со Божјата сила тој одеднаш стана невидлив за војниците и пренесен на другата страна од реката. По долго трагање војниците го најдоа и го заклаа на едно суво место. Двајца питачи на коишто Патрокле често им даваше милостиња наидоа по патот, го препознаа телото на својот добротвор и чесно го погребаа.