Пролог: Светите маченици Назариј, Гервасиј и Протасиј
 

 

Житие: Светите маченици Назариј, Гервасиј и Протасиј

Календар, житија, пости
Почеток
 
Назариј е родум од Рим, од татко Евреин и мајка христијанка. Мајка му, Перпетуа, прими Крштение од самиот апостол Петар. Кога ја прими мајчината вера, Назариј со ревност се предаде на исполнување на сите заповеди на Црквата. Неустрашливо проповедајќи го Евангелието, дојде во Медиолан (Милано). Таму во затвор ги најде Гервасиј и Протасиј и им служеше со голема љубов. Кога дозна за ова тамошниот кнез, нареди и го избија Назариј и го протераа од градот. Во видение му се јави мајка му и му рече дека треба да отиде во Галија (Франција) и таму да го проповеда Евангелието. Назариј така и направи. По неколку години тој пак појде во Медиолан заедно со младиот Келсиј, којшто му стана ученик откако го крсти во Галија. Тука ги затекна браќата Гервасиј и Протасиј с ѐ уште во затворот во којшто кнезот Анулин брзо го фрли и него. И Христовите маченици се радуваа заради својата повторна средба по Божја Промисла. Царот Нерон нареди Назариј да го убијат; и кнезот ги изведе од затворот Назариј и Келсиј и им ги отсече главите. Наскоро потоа беа убиени и Светите Гервасиј и Протасиј од некој војвода Астазиј, којшто врвеше низ Медиолан одејќи во војна против Моравците. Па кога војводата чу дека овие двајца браќа не им принесуваат жртви на идолите, се уплаши да не ја изгуби битката заради ова, па нареди и веднаш ги убија со меч. Гервасиј и Протасиј беа близнаци на блажени родители коишто исто така беа маченици за верата: Валериј и Виталија. Моштите на Св. Назариј од некоја градина надвор од градот ги пренесе Св. Амвросиј во црквата на Светите апостоли, а моштите на Св. Гервасиј и на Св. Протасиј нему му беа откриени во едно чудесно видение.